Државниот архив во соработка со ,,Британската библиотека”, во наредните две години ќе го дигитализира целокупниот материјал и заоставштина на браќата Манаки. Проектот за соработка со ,,Бритиш лајбрери” од Лондон и за дигитализација на целокупното творештво на браќата Манаки веќе е потпишан од страна на директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, а, разбирливо, овој проект главно ќе го води екипа на Државниот архив – одделение Битола, предводена од раководителот, Гоце Стојановски.

Во Договорот, меѓу другото, се потенцира дека главна цел е комплетната дигитализација на документите и фотографиите на првите филмаџии на Балканот, Јанаки и Милтон Манаки. Материјалите се наоѓаат во Државниот архив – одделение Битола, кое главно ќе ја спроведе целосната дигитализација.

Во Државниот архив имаме над 7.000 стаклени негативни плочки, над 3.000 ролни филмска лента и над 10.000 оригинални фотографии од крајот на 19-от век, па се до смртта на Милтон во 1964 година. Оваа наша збирка на фотографии и филмски материјали е една од најзначајните на Балканот и затоа треба и натаму добро и професионално да ја заштитиме и да ја чуваме“ – изјави директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.