Драмскиот театар со претставата „Странци“ ќе учествува на Меѓународниот фестивал „РУТА Група Триглав“, кој вторпат се одржува во Белград од 30 ноември до 6 декември 2021 година.

Како што соопшти Драмски театар – Скопје, за претставата „Странци“ нашата актерка Биљана Драгиќевиќ – Пројковска во 2019 година, во рамки на МТФ „Војдан Чернодрински“- Прилеп, доби награда за најдобра епизодна улога.

Режисер на претставата е Нела Витошевиќ, а актерската екипа ја сочинуваат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски.

Освен Драмскиот театар – Скопје со претставата „Странци“, на фестивалот ќе земат учество и Белградски драмски театар со претставата „Living Room“ во режија на Ерсан Мондтаг , Театар Улисис од Хрватска со претставата „Носорог“ во режија на Ленка Удовички, Градски театар Љубљана со претставата „Седум дена“ во режија на Жига Дивјак, Камерен театар 55 од Сараево, БиХ со претставата „Шиндлеров лифт“ во режија на Кокан Младеновиќ и Градскиот театар од Подгорица со „И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Кокан Младеновиќ.

Фестивалот „РУТА групација Триглав“ е составен од шест театри од регионот: МГЛ Љубљана, Словенија, Театарот Улисис, Загреб, Хрватска, Камерен театар 55, Сараево, Босна и Херцеговина, Градски театар Подгорица, Црна Гора, Драмски театар Скопје и Белградско драмско позориште, Србија.

Како што информира Драмскиот тетар – Скопје, основната цел на фестивалот е поврзување на шест репрезентативни куќи од поранешниот сојуз во естетска, репертоарска, но и организациска смисла. Ова претставува одлична можност театарските куќи да се презентираат и промовираат во регионот и секако да се направи пат за понатамошни копродукции или други форми на соработка.

-Уникатноста на РУТА е нејзиниот модел на функционирање. Во текот на една календарска година ќе се одржат шест фестивали во сите земји – членови на унијата. Секој театар може да настапи со претстава по сопствен избор. Фестивалот има ревијален карактер и една од целите е во текот на годината да се задржи континуираното присуство на овие театри пред домашната публика, се вели во соопштението.

Првиот фестивал се одржа во декември 2019 година, во Белград, а вториот во март 2020 година во Подгорица, Црна Гора. Поради пандемијата со Ковид-19, фестивалот мораше да направи пауза додека не се создадоа услови за негово продолжување кое се случи во август 2021 година, на островот Бриони, во Хрватска. Следниот фестивал треба да се одржи во Република Словенија, кон средината на февруари 2022 година, доколку условите го дозволуваат тоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.