Драмски театар Скопје во февруари почнува со проби за нова претстава „Моето име е Горан Стефановски“ во режија на Бранислав Миќуновиќ и драматизација на Бранислава Илиќ. Премиерата е закажана за 26 март годинава, информираат од Драмски театар.

Стефановски беше познат македонски драматург кој почина во 2018 година на 66-годишна возраст. Тој беше еден од најплодните и најпознати драмски автори, не само во Македонија, туку и пошироко во регинот. Неговите незаборавни драмски текстови се играат на сцени и низ Европа. Зад него остануваат антологиските ,,Диво месо“, ,,Тетовирани души“, ,,Дупло дно“, ,,Лет во место“ и многу други, кои праизведбите ги имаа токму на сцената на Драмски театар.

Новата сезона во Драмски театар Скопје почнува на 20 јануари со претставата „Диши“ од Дилан Мекмилан, во режија на Димче Николовски. До крај на месец јануари предвидено е да се одиграат осум претстави: новата претстава „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, чија премиера беше на 29.12.2021 година, „Птица со главата меѓу нозе“, чиј текст и режија се на Коле Ангеловски, а премиерно беше изведена на 10.11.2021 година, „Мојот маж“ која претставува колаж од расказите на Румена Бужаровска, а во режија на Нела Витошевиќ, „Странци“ од Паоло Геновезе, во режија на Нела Витошевиќ, „Чудесна терапија“ од Даниел Глатауер, во режија на Димче Николовски, „Партија реми“ од Доналд Ли Кобурн, во режија на Виолета Џолева и „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Јане Спасиќ.

Од Драмски театар информираат дека ќе учествуваат на Меѓународниот фестивал РУТА Група Триглав, кој ќе се одржи во Љубљана, Република Словенија со претставата „Мојот маж“ во режија на Витошевиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.