Од Драмски театар Скопје (ДТС) најавуваат гостување на Интернационалниот театарски фестивал Театар на раскршчу (Театар на крстопат) во организација на Народниот театар од Ниш, Србија. Фестивалот беше отворен на 11 март, на денот на основањето на Народниот театар во Ниш, и трае до 19 март со програма од девет театарски претстави во натпреварувачкиот дел од фестивалот.

Драмски театар Скопје, пред тамошната публика ќе ја изведе претставата „Фестен“ од Дејвид Елдриџ, во режија на Зоја Бузалковска на 17 март (недела) со почеток во 20:00 часот.

Фестивалот има за цел да ја обедини театарската уметност од Балканскиот полуостров на едно место, притоа презентирајќи ги сличностите и разликите на театарските дејци на овие простори и цели кон јакнење на меѓународната културна размена, промовирање на театарските творци, размена на театарски техники и идеи.

Драмски е почестен со поканата да учествува во создавањето на интернационалениот театарски фестивал, за кој организаторите се надеваат дека ќе прерасне во водечки фестивал во регионот и ќе биде место каде се разменуваат современи театарски достигнувања и културни вредности, соопштуваат од ДТС.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.