Драмски театар Скопје денеска ќе гостува на 67. „Стериино позорје“ во Нови Сад со претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ /„Се викам Горан Стефановски“ во режија на Бранислав Миќуновиќ.

Драмски театар соопшти дека по повеќегодишна пауза се враќа на сцената на Српско народно позориште во Нови Сад и претставата ќе ја изведе во меѓународната програма „Кругови“.

Претставата е авторска адаптација од изборот на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски, напишани во период од 1987 до 2021 година: „Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“.

Драматург е Бранислава Илиќ, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград. Сценограф на претставата е Александар Дениќ, автор на музиката Влатко Стефановски.

Во актерската екипа се: Биљана Драгиќевиќ-Пројкоска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов-Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.

Ансамблот на Драмски театар-Скопје со ова гостување ја продолжува повеќедецениската традицијата на успешни изведби и наградувани претстави на еден од најпрестижните театарски фестивали во регионот, информираше ДТС.

 

На „Стериино позорје“ ДТС првпат учествуваше во 1966 година со претставата „Богомилска балада“, а ансамблот има повеќепати добиено награди на овој фестивал за претстави и актери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.