Драмски театар Скопје денеска слави 75 од формирањето на Институцијата, но, како што вели директорката Катарина Коцевска Хаџи Василева, овој роденден за жал, не може да биде прославен со публика, поради пандемијата со ковид-19.

75-иот роденден за жал не можеме да го наречеме среќен и да го прославиме на начин како што му доликува на Драмски: со сите актери на сцена, со цела техника, со полн салон, со аплауз.

Но, со надеж и верба дека оваа празнотија во театарот е привремена, ние работиме и чекаме нашата енергија, талент и магија да ги споделиме со оние на кои им е наменет театарот – публиката!

75 години овој театар живее и го чува духот на сите големи актерски имиња кои го полнеле храмот на уметноста со смеа, солзи, аплаузи. Денес е роденден на Драмски. Му посакуваме сите следни родендени да бидат прославени со цел ансамбл, со полн салон, со љубов, вели директорката Коцевска Хаџи Василева.

Театрот започнал како куклен одосно детски театар во рамките на Македонскиот народен театар (МНТ), кој во 1946 година ја основал својата Куклена сцена. Во 1949 година, по неколку успешни куклени претстави, Куклената сцена при МНТ и официјално прераснала во Градски куклен театар. Во сезоната 1957/58, под раководство на Ристо Стефановски, театарот се реорганизирал во Младинско-детски театар, кој своите претстави ги играл на две сцени: младинска и детска.

Од 1960 година во театарот започнала да работи и вечерната сцена, со првата претстава „Доживувањата на Николетина Бурсаќ“  во режија на Петре Прличко.

Од земјотресот во 1963 до 1965 година, театарот немал своја зграда. На 4 март 1965 година, Драмскиот младинско-детски театар се преселил во монтажниот објект (изграден како донација на Британската амбасада) на улицата „Шекспирова“ во населбата Карпош 2 каде што се наоѓа и денес. Првата претстава што била изведена во новиот објект на театарот била „Богомилска балада“ во режија на Тодорка Кондова-Зафировска, а во претставата играа Милица Стојанова, Ленче Делова, Видосава Грубач.

Во првиот постојан професионален ансамбл основачи и членови биле: Нада Гешоска, Димитар Гешоски, Дарко Дамески, Вукан Диневски, Мара Исаја, Јон Исаја, Ацо Јовановски, Тодорка Кондова-Зафировска, Драги Крстевски, Крум Стојанов, Милица Стојанова и Кирил Ќортошев. Истата година, театарот се преименувал во „Драмски театар“.

Во богатата ризница на Драмски пишува дека овој театар е добитник на сите релеватни поединчени и колективни награди во Македонија но и на просторите на поранешна Југославија. Ќе остане запишано дека „Солунски патрдии“ на Коле Ангеловски е најизведувана претстава во овој театар со 335 изведби, а куриозитет е тоа што актерот Гоце Тодоровски не пропуштил нуту една изведба. Со гостувањата, „Солунски патрдии“ има повеќе од 400 изведби.

Токму Тодоровски за ликот на Цанде во „Солунски патрдии“ доби награда за најдобра улога на Фестивалот за театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Публиката ги памети претставите „Покојник“, „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Тетовирани души“, „Солунски патрдии“, „Еригон“, „Словенски ковчег“, „Кандид во земјата на чудата“, „Чија си“, „Не сега драга“ и многу други претстави по кои театарот во Карпош два стана препознатливо и култно место.

Амбициозниот и исклучително квалитетен актерски ансамбл во изминативе 75 години соработува и режисерите: Слободан Унковски, Владимир Милчин, Љубиша Георгиевски, Александар Поповски, Сашо Миленковски, Нела Витошевиќ, Дејан Пројковски, Вилјам Вудман, Паоло Маџели, Мата Милошевиќ, Браун Кажимјеж, Миодраг Шаурек, Вито Тауфер, Бора Драшковиќ, Жарко Патен, Егон Савин, Красимир Спасов, Горчин Стојановиќ, Дино Мустафиќ, Владлен Александров, Лилија Абаџиева и др.

Овој театар ги испиша најблескавите страници на современата македонска драмска историја.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.