Драмски театар Скопје ја подготвува премиерата на претставата „Мојот маж“, по истоимената збирка раскази од македонската писателка Румена Бужаровска. Режисерка е Нела Витошевиќ.

Премиерата на претставата е закажана за 15 февруари годинава, (сабота) од 20:00 часот.

Во претставата учествуваат: Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Велиќ, Емилија Мицевска, Сара Климоска, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ, Наталија Теодосиева, Филип Трајковиќ.

„Мојот маж“ е трета книга на  Бужаровска (1981 г.), која предава американска литература на Филолошкиот факултет во Скопје и се занимава со книжевен превод. Авторка е на студија за хуморот во книжевноста „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“, како и на двете збирки раскази „Чкртки“ и „Осмица“. За „Мојот маж“ писателката Оливера Ќорвезироска напиша дека одамна во домашната издавачка продукција не се појавила ваква збирка раскази, компактна, сложна, единствена во различностите, со зададен и бравурозно решен „раскажувачки проблем“, заодена со совршено јасни стапалки низ песочните наноси на болката, низ натрупаната тишина на премолчуваното, мрачното делнично, не само во стварното туку и во книжевното живеење. Според неа, ова е најдобрата збирка раскази на Румена Бужаровска досега, но и една од најдобрите збирки раскази објавени во земјава последниве неколку години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.