Здружението за култура, литература и уметност „Галикул” има чест да извести дека поетесата Долорес Атанасова-Лори (Д.А. Лори) е овогодишна добитничка на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми.

Наградата се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на својот основоположнк и еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945 – 2015), како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми, за автор од Македонија. Наградата предвидува издавање на книга на наградениот автор во 2020 година, резидентен престој во Галичник и авторски хонорар за изданието. Здружението за култура, литература и уметност „Галикул” одлуката ја обзнани на 25-тата по ред традиционална „Галичка книжевна колонија” одржана во Галичник од 11-ти до 13-ти октомври, на која освен овогодишниот лауреат, учествуваа и поетите Јовица Ивановски, кој оствари резидентен престој во Галичник на покана на организаторите и Биљана Стојановска, минатогодишна добитничка на наградата.

Ни претставува огромна чест и задоволство што наградата ја доделуваме на еден од најавтентичните современи македонски поетски гласови. Поезијата на Лори е бескомпромисно искрена, исткаена од животно искуство и неверојатна имагинација. Неизмерно сме горди што следната година ќе можеме да ја објавиме нејзината нова збирка која веруваме ќе разбуди посебен интерес кај македонската книжевна публика, вели Данче Чаловска, главна и одговорна уредничка во „Галикул“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.