Документарниот филм „Театарот во Скупи“ ја имаше својата интернационалната премиера на 30-то издание на реномираниот Меѓународен фестивал на археолошки филмови, што се одржа во италијанскиот град Роверето.

„Театарот во Скупи“ беше дел од официјалната програма на фестивалот во конкуренција со десетина документарни филмови од областа на археологијата. Филмот ја имаше својата премиера на светскиот ден на театарот, (27 март) во Кинотека на Македонија. Станува збор за научно-образовен филм кој го документира комплетниот процес на обнова на римскиот театар, објект од национално, но пред сѐ цивилизациско значење. Паралелно, се обработува и историјата на градот Скупи. Филмот не ги открива само тајните на театарот – тој нѐ воведува во археологијата како наука, а и во конзерваторството како занает.

Театарот поради колажното ткаење на сегментите подразбира динамичност и допадливост во раскажувањето. Филмот ја следи работата на тимот од археолози и ги документира сите фази на проектот. Низ процесот, гледачот дознава за раните почетоци на настанувањето на градот, во новоосвоената Дарданија во времето на Тибериј. Во тоа време Скопје бил легионерска населба со име Colonia Flavia Scupiorum.

Додека траат истражувањата на римскиот театар, филмот прави осврт на делумно или целосно истражените делови на Скупи.

Нарацијата на филмот е истакнато фактографска и научна, испреплетена со интервјуа на еминентни археолози, архитекти, историчари кои придонесуваат за зголемената автентичност и документарност на тоа што се гледа.

Продуцент на филмот е „Фокус Покус Филмс, копродуцент е Трикс Филмс, режисер Владимир Блажевски, стручни соработници: проф. д-р Антонио Јакимовски и проф.д-р Виктор Лилчиќ, наратори: Благој Веселинов и Мартин Манев, кинематографер Димо Попов, монтажер Благоја Неделковски, композитор Александар Пејовски, дизајн на звук Ристо Алчинов, продуцент Дарко Попов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.