Европската мрежа за современа драма и превод „Еуродрам“, го објави изборот на најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2023 година меѓу кои се и три преводи на македонски јазик.

Наградени се македонските преведувачи Марио Стојаноски, Мирјана Илиева Јашари и Сашо Огненовски.

„Македонскиот комитет на Еуродрам разгледа вкупно деветнаесет предложени драмски преводи на македонски јазик од кои како најдобри ги избра – ‘Папагал’ од Данило Киш, превод од српски на Марио Стојаноски, ‘Бордел Балкан’ од Јетон Незирај, превод од албански на Мирјана Илиева Јашари и ‘Ако се разбудиш или како да е тоа важно’ од Исидора Милосављевиќ, превод од српски на Сашо Огненовски“, велат од „Еуродрам“.

Списокот на најдобри драмски преводи на македонски и на други европски јазици за 2023 година е достапен тука.

Марио Стојаноски дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тој е книжевен уредник на здружението „Кино Балкан“ и еден од уредниците на театарската иницијатива „Штрих“. Досега превел и уредил десетина книги проза и филозофија од англиски, српски и хрватски јазик на македонски. Превел драмски текстови од Сем Шепард, Харолд Пинтер, Данило Киш и Игор Штикс. Неговиот превод на „Неземниот израз на неговите раце“ од Миљенко Јерговиќ добива признание на конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон“ на ЗПРМ.

Мирјана Илиева Јашари дипломирала на Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Од албански на македонски јазик превела дела од истакнати автори од Косово, Албанија и Македонија меѓу кои се Јетон Незирај, Аријан Лека, Аг Аполони, Башким Шеху, Бен Андони, Дорунтина Баша, Беким Рамадани и Хашим Бафтијари.

Сашо Огненовски е македонски писател и преведувач. Автор е на четири поетски книги, два романа, две детски пиеси и на драмите „Тага“ и „Тврдина“. Добитник е на наградата на Црногорската асоцијација на преведувачи и на меѓународната награда „Книжевно перо“ на Хрватското книжевно друштво од Риека. Преведува од српски, хрватски, бугарски и англиски јазик. Превел дваесетина книги од сите жанрови меѓу кои и антологијата „Нова српска драма“ издадена од „Перун Артис“ од Битола во 2022 година.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.