На 13 февруари, ќе се одржи промоција на книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ од доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов,  во салата за конференции во СЦ „Борис Трајковски“, Скопје, со почеток во 11 часот.

Книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“, содржи помалку познати приказни за успесите на македонските спортисти низ историјата и за средбите со светските спортски асови. Од прва рака, легендарниот спортски коментатор сведочи за важни спортски, но и историски моменти. Се сеќава на најзначајните личности, натпревари, олимпијади и првенства ширум светот, што ги следи како новинар-коментатор во својата 55-годишна кариера.

На промоцијата, покрај Зоран Михајлов, ќе се обратат уредничката на книгата Бисера Бендевска, писателот Владимир Плавевски и уредникот на спортската редакција на весникот „Нова Македонија“, Горан Манчевски.

Настанот ќе биде збогатен со проекција на краток документарец посветен на долгогодишната кариера на легендарниот спортски коментатор Михајлов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.