Во рамките на 45-ти ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА, денеска (вторник, 26 април) во
Музејот на македонската борба, со почеток во 20 часот, ПО ИЗБОР НА УМЕТНИКОТ, настапуваат: Александра Коцевска – мецосопран и Глигор Гелебешев – пијано.
Вториот концерт од циклусот „По избор на уметникот“ на годинашните „Денови на македонска музика“ ќе го изведат мецосопранот Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев кои на македонската публика ќе и претстават избор од вокалното творештво на автори од постарата генерација: Петре Богданов Кочко, Стојан Стојков и Љубомир Бранѓолица. Модератор на концертот е музичкиот писател и рецензент Викица Костоска – Пенева.

Александра Коцевска дипломира на  ФМУ во Скопје, во класата на проф. Благоја Николовски. За време на своите студии учествува на бројни натпревари по соло пеење во Македонија и странство, каде е наградувана со високи награди. По дипломирањето започнува да работи во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, каде е една од основачите на класата по соло пеење. Во 2002 година ги завршува магистерските студиите во класата на проф. Билјана Јовановска – Јакимовска. Од 2006 година својата педагошка кариера ја продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Доказ за нејзината успешна педагошка работа се бројните награди што нејзините ученици ги освојуваат на домашните и меѓународните натпревари, а честопати е поканувана како член во жири-комисии на меѓународни натпревари. Во 2011 година Коцевска ја добива наградата за повеќегодишна успешна работа во областа на уметничката педагогија која ја доделува „Здружението на музички и балетски педагози“. Од 2015 година особено се интензивира нејзината концертна активност. Во соработка со пијанистот Глигор Гелебешев, дуото настапува на концерти и манифестации низ целата земја, како и во Бугарија. Коцевска е дел од различни камерни состави (Трио Колегиум, Трио Интермецо, Етно Ноктурна) со кои реализира бројни настапи во државата.

Глигор Гелебешев студира на Академијата за уметности во Нови Сад (класа проф. Јокут Михаиловиќ),а магистрира на ФМУ во Скопје. По магистрирањето ја започнува својата пијанистичка кариера како солист и камерен музичар,соработувајќи со голем број истакнати музички уметници. Во 2001 година со својата сопруга, пијанистката Катерина Гелебешева Костадиновска го формираат пијано дуото кое остварува бројни настапи во земјата и странство, меѓу кои и настап со Македонската филхармонија. Како солист и камерен музичар Глигор Гелебешев настапил на најзначајните фестивали на домашната сцена: „Охридско лето“, „Интерфест“, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, а реализирал и настапи во Франција, Италија, Холандија, САД, Романија, Турција, Словенија, Хрватска, Полска, Бугарија, Србија, БиХ. Од 1992 година работи како наставник по пијно во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а неговите ученици редовно учествуваат на домашни и меѓународни натпревари на кои се стекнуваат со награди и признанија. Во својата богата педагошка кариера, Гелебешев бил член на жири комисии на бројни натпревари во земјата и странство (Србија, Бугарија, Полска). Тој е организатор на Конгресот на ЕПТА (European Piano Teachers Association). Од 2008 година е предавач на истиот, а во неколку наврати бил и претседател на Организацискиот одбор на државните натпревари по музика во Македонија. Реализирал мастер-класи на Академиите во Загреб и Сараево, а од 2011 година е основач и претседател на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Гевгелија. За успешната пијанистичка кариера е добитник на наградата „Златна лира“ од страна на СМУМ.

Влезот е на концертот е слободен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.