Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со Министерството за култура, ја отвораат изложбата „Поместени граници“ во петок  15.04.2022 година  во 13.30 часот во дворот на Министерството и ќе трае до 20 часот истиот ден. Со тоа воедно го одбележуваме и 15 април – Светскиот ден на уметноста.

Овогодишното издание на годишната изложба на ДЛУМ  „Поместени граници” ја има можноста на користење на  отворениот простор-паркот на Министерството за култура и со тоа се вклучува во заедничко празнувањето на овој светски датум на уметноста.

Поставувајќи ја уметноста поблиску до гледачите, дури и случајните минувачи, ја продолжуваме мисијата, уметноста да биде духовна храна, преку нејзе да испратиме порака и да се запрашаме колку сме моќни да направиме промени.

„Поместени граници” е веќе во своето шесто издание. Тоа е концепт проект посветен на новите медиуми,  потенцирајќи  ги уметничките процеси кои се отворени за промени, уметноста во хармонија со просторот, односот уметност и природа. Самите уметници избрани за ова издание, ги придвижуваат границите на мислите, експериментираат низ нивната замисла, а сето тоа е резултат на грижите, прашањата и евентуалните одговори кои треба да ги постават во своите дела.Изборот на уметниците воглавно од младата генерација, со свои решенија од последната година на творештво, внесуваат енергија на поврзаност со природата, но и посветеност кон вечните теми на бесконечност, релативноста на времето, еколошкиот пристап кон постоењето, но уметниците се посветуваат и кон пробивањето на границите на разбирањето и надежта.На изложбата ќе се претстават 8 уметници, Марија Светиева, Ненад Тонкин, Ива Станковска, Дарко Базерко, Ана Трајковска, Јана Јакимовска, Славчо Максимовски и Ана Ивановска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.