Режисерка Дина Дума ја освои награда за најдобра режија на филмскиот фестивал „Фест“ во Белград, за својот дебитантски филм „Сестри“.

Меѓународнотo жири во состав Милош Биковиќ, Тамара Драгичевиќ, Ѓерѓи Радули, Аргирис Пападимитрополус и Тони Гојановиќ, ја награди Дума за вештото водење на младите актери и фантастичното раскажување преку објективот. Во експликацијата на жирито се наведува: „Филмот успеа да прераскаже приказна за многу важна општествена тема од нашето време и да отвори дијалог“.

„Сестри“ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.

Светската премиера на „Сeстри“ беше минатата година во август на филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде што ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, додека македонската премиера се случи на ИФФК „Браќа Манаки“ каде филмот на Дума го отвори фестивалот. „Сестри“ беше национален кандидат за наградата Оскар за најдобар интернационален филм.

Досега „Сестри“ е прикажан на повеќе од 30 интернационални фестивали, и има освоено 2 дополнителни награди, и тоа награда за најдобар игран филм од младинското жири на фестивалот Екс – граунд во Висбаден, Германија и награда од публиката на фестивалот Панорама на европски филм во Атина, Грција.

Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев – Новоградска.

„Сестри“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, и е регионална копродукција помеѓу Македонија, Црна Гора и Косово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.