На редовното собрание на Друштвото на филмски работници на Македонија беше усвоена одлука за покревање иницијатива за потребите за редефинирање на моделите на македонскиот филм. Во прилог е писмото испратено до сите релевантни институиции во државата.

Од Манаки па до денес, македонскиот филм е дел од европското филмско семејство, не само географски, туку и суштински. Нашата кинематографија се темели на вредностите врз кои е изградено европското кино: уметничката слобода и слободата на изразувањето.
Но, за овие вредности да опстанат во реалноста потребно е европскиот филм да биде изземен од зоната на „слободниот пазар“, затоа што таму владеат правила кои лесно би сотреле многу прогресивни идеи, би ја згаснале секоја мала кинематографија.

Од овие причини, македонскиот филм мора да се потпира врз стабилни и одржливи извори на финансирање, според европската пракса и искуства. Агенцијата за филм на Република Северна Македонија е институција замислена и создадена токму по европски модел. Таа е државна институција која се грижи за обезбедување и распределба на буџетот за филм кон независните продукции. Агенцијата за филм ја полни касата по два канала: буџетот и преку алтернативни извори на финансирање, каква што е впрочем и праксата во конгломератот на мали, средни и големи европски кинематографии.

Но, и покрај тенденцијата за хармонизација со европската легислатива и практики, Агенцијата за филм, а со тоа и ние како фела се соочуваме со проблеми поврзани со финансирањето на филмските проекти, поради што нашите автори и независните продуценти се соочени со неизвесност, ограничувања и неможност за константна и конзистентна продукција, како основен услов за подобрување на учинокот и квалитетот во дејноста.

Од овие причини, а по евидентните резултати во филмската дејност на меѓународен план во последните две години, ние, Друштвото на филмски работници на Македонија, како единствен релевантен и меѓународно признат ентитет кој ги застапува интересите на филмските автори, продуценти и работници, од Владата на РСМ, а преку кабинетот на Претседателот на владата, ресорното Министерство, Министерството за финансии и Агенцијата за филм бараме:

1. Овозможување на реална и стабилна ставка за филмска дејност во Буџетот, креирана според моделот “per capita”

Во пракса, ова подразбира воведување на параметарот “per capita”, односно оформување на буџетот за филм според глава на жител.

Паушалното одредување на висината на ставката за филмска дејност во државниот буџет е неодржлива. Дејноста зависи од проценката, стратегијата, а понекогаш дури и од „милоста“ на креаторите на буџетската политика, често без да бидат земени предвид сите околности и потреби на дејноста, како и разгледани сите аспекти и можности. Од овие причини, сметаме дека е неопходно да се приближиме кон европските политики на стабилизирање на буџетот за филм според утврдени параметри.

Имено, најголемиoт број европски држави, ставката за филм во државниот буџет ја одредуваат “per capita” и таа се движи од 2 до 8 евра, зависно од финансиската моќ на државата. Затоа предлагаме минималната ставка во буџетот да изнесува помеѓу 2 и 3 евра по жител, што претставува минимум услов за скромно, а сепак нормално и достоинствено функционирање на дејноста. Воедно, со оваа мерка ќе се постигне и поголема независност на Агенцијата за филм, што е всушност и целта на европската политика во доменот на аудиовизуелната дејност.

2. Враќање на алтернативни извори на финансирање на македонскиот филм

Вториот канал на финансирање на филмот е преку давачки од одредени комерцијални извори, обезбедени по пат на законски одредби. Најчесто се тоа проценти од продажба на кино билети, проценти од лотарија и игри на среќа, ТВ станици кои емитуваат играна програма, кабелски оператори и интернет провајдери, а во некои земји дури и преку на акцизи на одредени стоки и услуги.
Но, главниот алтернативен извор од кој се полнеше касата на Агенцијата за филм, давачката од три проценти од игрите на среќа наменети за поддршка на кино-производството, под недоволно јасни околности неодамна беше укината, поточно пренасочена од филмот, кон спортот. Со ова македонската кинематографија загуби значителни средстава, толку потребни за нејзино одржување и развој во чекор со времето.
Она што дополнително загрижува се заложбите и тенденциите на националните ТВ компании, и тие да бидат ослободени од минималниот процент наменет за поддршка на филмската дејност, давачка која во рамки на Европа претставува не само финансиска, туку и културолошка облигација.

Од овие причини, предлагаме изнаоѓање на нова законска рамка, која ќе овозможи обезбедување на доволно средства за непречено функционирање на дејноста, а според европските модели и практики.

Во овој контекст, дополнително предлагаме и воведување на даночно ослободување, како одреден процент од данокот на добивка за инвестиции во филмски проекти од национален интерес, по пример сличен на оној кој се применува во спортот.

3. Финансирање на локално ниво
Европскиот филм се финансира од национални, регионални и локални фондови. Локалната самоуправа активно е вклучена во кино-производството од повеќе причини. Таа го пронаоѓа својот интерес во привлекување на филмски екипи на својата територија, поради што се изнаоѓаат начини за таа општина да стане атрактивна филмска дестинација. Исто така, доколку некое дело промовира одредени теми, локации, природни и културни добра поврзани со конкретна локација или област, лоакалната самоуправа учествува во субвенционирање на таквиот проект со финансиски средства и услуги.

Во нашиот случај, локалната самоуправа недоволно, или речиси воопшто не учествува во овие процеси. Напротив, во последниве години соочени сме со тарифи за користење на јавните површини и локации и наплата на услуги за обесзбедување, паркинг, чистење и слично. Смeтаме дека кога станува збор за проекти од национален интерес, финансирани од јавни пари, тоа не би смеело да биде случај.

Воедно, сметаме дека секоја поголема општина во својот буџет би требало да алоцира одреден процент за ко-финансирање на филмски проекти, со што ќе стане поатрактивна и привлечна за филмските екипи.

Искрено верувме дека Владата ќе ја воочи и разбере потребата од реформа во делот на финансирањето на националната кинематографија и ќе ја разгледа оваа иницијатива, за чие законско формализирање и имплементација стоиме на располагање. Впрочем, тоа е наша должност и обврска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.