Анимираниот филм за најмладите „Патешествието на принцот“ вечерва во 18 часот ќе има македонска премиера во Кинотека. Станува збор за ново долгометражно остварување на водечките француски аниматори Жан-Франсоа Лагиони и Ксавиер Пикар, кои користат ликови од фантазијата за да раскажат приказна за предизвиците на светот во кој живееме.

„Патешествието на принцот“ беше конкурент за награда на Европскиот фестивал на фантастичниот филм во Стразбур, Франција (Strasbourg European Fantastic Film Festival), како и на други фестивали за анимирани филмови.

Кратка содржина: Лорен, стариот принц на мајмуните, се буди на непознат брег на земјата Ниокус, на кој се насукал по бродската несреќа. Таму го пронаоѓа дванаесетгодишниот Том, чии што родители ќе му пружат засолниште. Родителите на Том се научници во егзил: биле протерани од нивната поранешна заедница бидејќи верувале дека постојат и други мајмунски цивилизации. Принцот најпрвин ќе биде подвргнат на научни испитувања, а потоа во придружба на Том ќе шета низ главниот град и блиската џунгла, каде што открива непознат и волшебен свет. Но, Принцот ќе ги запознае и ригидните правила кои важат во тој необичен свет за него…

Дистрибутер е „Узенгија“, а дистрибуцијата е поддржана од програмата МЕДИА Креативна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.