Долг, десетминутен аплауз, „браво“ од гледалиштето и три биса добија синоќа актерите на Белградско драмско позориште (БДП) кои гостуваа во Македонскиот народен театар (МНТ) со култната претстава „Лет над кукавичкото гнездо“.

БДП со „Лет над кукавичкото гнездо“ ја почна турнејата низ поранешна СФРЈ со Скопје, каде што вечерва во МНТ (20 часот) ќе се одигра уште една претстава, а до 7 декември следуваат гостувања во Љубљана (24 октомври), Загреб (25 октомври), Подгорица (19 и 20 ноември), Бања Лука (29 и 30 ноември) и Сараево (6 и 7 декември).

Претставата успешно се прикажува веќе 17 години на големата сцена „Оливера и Раде Марковиќ“ во БДП и има повеќе од 210 изведби.

Токму врвната актерката игра е она што ја прави врвна претставата и ја одржува толку години на репертоарот.

Драган Бјелогрлиќ го толкува главниот лик, Редни П. Мекмарфи, а останатите актери се: Слободан Бода Нинковиќ, Милан Чучиловиќ, Даниел Сич, Милутин Мима Караџиќ, Младен Совиљ, Срѓан Дедиќ/Јово Максиќ, Саво Радовиќ/Милош Петровиќ Тројпец, Ненад Гвозденовиќ, Милица Зариќ, Јана Милосављевиќ, Владан Милиќ, Милош Лазаров/Урош Јанковиќ, Зоран Ѓорѓевиќ, Анка Гаќеша-Костиќ/Ања Алач, Нада Мацановиќ/Маја Ранѓиќ.

Оваа драма е напишана во 1962 година, a првата изведба е во 1963 година на Бродвеј со Кирк Даглас во главната улога. Филмот на чешкиот и американски режисер Милош Форман „Лет над куквичкото гнездо“ од 1975 година освои Оскар за најдобра режија и најдобар филм, потоа за главна женска улога која ѝ припадна на Луиз Флечер и наградата за машка улога на Џек Николсон за главниот лик на Редни П. Мекмарфи.

Сценографијата за претставата е дело на Зоран Ристиќ, костимограф е Јелисавета Татиќ-Чутурило, композитор е Александар Симиќ, на сценските борби работеше Александар Тасковиќ, а специјалните ефекти се на Томислав Маги.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.