Утре (понеделник, 22 април) во Музеј на македонската борба, со почеток во 19 часот, ќе се одржи концерт на македонска музика за пијано, Избор од печатената едиција од 1996 година.

На програмата се дела од Благоја Ивановски: ШУМСКО УТРО и ВОДЕНИЧКА од циклусот „Детски минијатури“ (1952), Александар Цветковски – IV одд. класа: проф. Викица Костоска – Пенева, Драгослав Ортаков, ИГРА и ВО ШКОЛСКИОТ ДВОР од циклусот „Детска суита“ (1954), Михаела Костоска – VI одд. класа: проф. Викица Костоска – Пенева, Ристо Аврамовски, МИНИЈАТУРИ бр. 4 и 5 од „Пет минијатурти за пијано“ (1962), Анастасија Милошевска – VI одд. и Кристина Костенарова осмо одд. класа: проф. Јасна Аврамовска – Костенарова, Томислав Зографски, СУИТА (1953/54), Гоце Златев – VI одд. класа: проф. Славица Мицовска, Димитрије Бужаровски, СОНАТИНА (III став) (1973), Костадин Златковиќ – I год. среден оддел, класа: проф. Слободанка Младенова, Властимир Николовски, ТОКАТА (1955), Михаил Димовски – I год. среден оддел, класа: проф. Јасна Аврамовска – Костенарова, Благој Цанев, ДЕВЕТ МИНИЈАТУРИ (1956/1970/1971), Дани Жоговска – III год. среден оддел, класа: проф. Огненка Герасимовска, Тома Прошев, АРАБЕСКА И ТОКАТИНА (1952), Ана Гаштаровска – I год. (ФМУ) класа: проф. Д-р Ана Гацева, Гоце Коларовски, ВЕЧЕРЕН ЅВОН (1992), Викторија Митеска – II год. (ФМУ) класа: проф. Д-р Ана Гацева, Јана Андреевска, ВАРИЈАЦИИ (1987), Анастасија Кочева – III год. (ФМУ) класа: проф. Д-р Ана Гацева.

Настапуваат ученици од основниот и средниот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и студенти од ФМУ – Скопје

Едицијата „Македонска музика за пијано“ претставува своевидна антологија на современата музика за соло-пијано од македонските композитори на дваесеттиот век. Идеен творец и уредник на оваа вредна едиција во издание на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ е композиторот и музички педагог Благој Цанев. Во шест збирки распоредени се четириесет и две дела за соло и едно дело за дуо пијано од дваесет и еден композитор, создадени во периодот од 1948 до 1996 година. Композициите се групирани во шест насловени збирки: „Програмски минијатури“, „Минијатури“, „Насловени циклуси“, „Суити“, „Сонатини“ и „Композиции во еден став“.

Во историска смисла, оваа богата едиција ги опфаќа речиси сите дела за соло пијано, создадени во еден од најплодните периоди на македонската современа музика. Оттука, претставува неодминлива литература за професионалните пијанисти од различни генерации и одлична инструктивна база за ученици и студенти.

На концертот ќе бидат претставени композиции од десет композитори, со идеја да се слушнат и останатите дела од збирките во некои наредни слични проекти. Целта на концертното претставување на едицијата е приближување на делата од нашите автори на новата генерација млади македонски пијанисти, но и негување на односот кон македонското музичко творештво отелотворувајќи го во концертни изведби. Во таа смисла, концертот опфаќа композиции со различна форма и структура, како и стилска и жанровска определба доследна на тенденциите и трендовите актуелни во периодот кога се напишани, како неокласицизам, необарок, екпресионизам, минимализам.

Влезот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.