Промоција на новата книга „Љубов голема колку Скопје“ од Александра Тодоровиќ ќе се одржи во Фоаје на Национална опера и балет, вечерва со почеток во 19:00 часот. Промотор ќе биде Зока Црношија.

Скопје е нашиот град. Приказна стара 2.200 години што треба да се раскажува и прераскажува. „Љубов голема колку Скопје“ е нова книга за деца и млади од авторката Александра Тодоровиќ, која е дамнешен вљубеник во Скопје, во литературата и во желбата да го доближи градот до сечие срце.  

Скопје е љубов заради луѓето во него. И секогаш сè е заради љубовта. Таа врзува, ослободува и крева. Затоа Александра Тодоровиќ, која добро го познава Скопје, а и литературниот јазик и вкус на децата преку претходната книга „Мистериозниот град под калето“, се одлучи да ја напише приказната за градот под чии темели има еден куп љубовни приказни.  

Сега нејзините ликови се во шеесеттите години од минатиот век, кога градот го доживеа својот европски модерен процут. Оваа книга Ана Јовковска ја нарече времеплов и во својата рецензија зборува за тоа дека Тодоровиќ го открива богатството на нашето културно наследство, не само она што е врамено во историјата, спомениците, топонимите и објектите, туку и она кое е изживеано низ душата на градот, низ интимните прикази на неговите жители.  

Едукативна и интерактивна, книгата ќе го разбуди љубопитството на децата, но и суптилно ќе им подметне не само знаење и интерес за она што било, туку и љубов која ќе ги научи како да се грижат за околината и за луѓето во неа.  

Скопје е прекрасен град на различности,за чие прифаќање и во чие уживање придонесуваат токму ваквите изданија. И токму поради тоа, исто како што и Скопје е различно, таква е и оваа книга – единствена и поинаква од другите. Тимот на Паблишер, кој со задоволство работеше на неа, смета дека таа книга е за сите деца – и мали и големи, но и за секој кој сака да го запознае и да го засака Скопје. 

„Оваа книга има за цел да ве прошета низ волшебниот свет на археологијата, историјата, етнологијата… Да дознаеме повеќе за животот во Скопје, за скопските љубовни приказни кои спијат под градот“, вели Маргарита Плевнеш.  

Александра Тородовиќ го прифати предизвикот да влезе во временската капсула и оттаму да им купи билети на сите кои сакаат да бидат дел од едно неверојатно патување. А Скопје е љубов и во себе крие многу љубови.  

Ајде да прошетаме низ скопските улици, да патуваме низ времето! На 6 декември, со почеток од 19 часот, во Фоајето на МОБ ќе се случи големата промоција на оваа извонредна книга.  

Ве очекуваме сите, големи, мали, вљубени, возбудени! 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.