Манифестацијата „Денови на европско Скопје”, која има за цел на автентичен и поинаков начин да го одбележи празникот 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Градот, годинава ќе се одржи од 25 октомври до 20 ноември во Скопје.

Елизабета Кузмановска од Дирекција за култура и уметност на Скопје, која е организатор на проектот, на денешната прес-конференција соопшти дека настанот ќе биде отворен во петок со изложбата „Дрезден: Лица/Простор/Време” во Културно информативниот центар, од фотографите Иван Блажев, Александар Кондев и Матијас Шуман.

Фотографот Иван Блажев присуствуваше на прес конференцијата и појасни дека тема на изложбата е градот Дрезден. Според него, станува збор за тројца различни фотографи со различни ракописи, обидувајќи се да го спојат во една приказна градот Дрезден.

Изложбата е поддржана од годишната програма за проекти од област на култура во интерес на Град Скопје за 2019 година и Дирекцијата за култура и денови на европско Скопје.

На 29 октомври, во градската кафеана „Пелистер” ќе се одржи промоција на книгата „Од летописот на творците за роднокраното Скопје” од Тамара Арсовска. Промоторот ќе биде писателот Васил Тоциновски.

На 30 октомври ќе се одржи работилница на тема „Магијата на портретно овековечени”. Предавач на работилницата ќе биде фотографот Љупчо Илиевски.

На работилницата ќе учествуваат учениците од скопското училиште „Лазар Личеноски”.

Фотографот Илиевски на денешната прес-конференција истакна дека работилницата ќе ја одржи со млада популација која веќе е предодредена да се занимава со уметност, но како што рече, тоа не значи дека оној што сака да чуе нешто повеќе од таа област, да не даде примена, ќе се најде простор за секој кој сака да чуе и да види.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.