Доделувањето на наградите на 13. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи на 24 август (среда), во Куршумли-ан, во 20 часот.

На фестивалот „МакеДокс“ се доделуваат пет награди – „Кромид“ за најдобар филм во главната програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм, „Кокарче“ за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет.

Во составот на комисијата за наградата „Кромид“ се Џон Апел, холандски автор и режисер на над 40 документарни филмови, Кармен Греј, независна новинарка за уметност и култура, филмска критичарка и програмерка која пораснала во Нов Зеланд, а сега живее во Берлин, и Јана Цисар, филмска и извршна продуцентка на документарни филмови, но и предавач на Интернационалната филмска школа во Келн, Германија.

За наградата „Млад кромид“ одлучува комисија во состав: Даниел Вадоцки, кој дипломирал филозофија на Универзитетот во Трнава и филмски студии на Високата школа за изведбени уметности во Братислава, каде што предавал филозофија и естетика на Катедрата за филм, а во овој период е менаџер на фестивалот „Плуто филм“; Наталија Јефимкина, авторка на документарни филмови која е родена во Киев, а од 1995 живее во Германија; и Жоан Гонзалес, основач и директор на „ДоксБарселона“, ​​филмски фестивал со 25 изданија и „Ел документал дел мес“, мрежа од 80 кина кои премиерно прикажуваат документарни филмови од 2005 година.

Во комисијата за наградата „Сечкан кромид“ се три дами: Марион Чарни, која работи за фестивалот „ФипаДоk“ од 2008 година, каде што ги надгледува сите уредувачки содржини за младата публика и новите режисери; Ангелики Вергу, координаторка на сите настани во индустријата на „Агора докс“ на Солунскиот фестивал за документарен филм; и Сузан Нодал, специјалистка за дистрибуција на документарни филмови, а од 2021 година станува дел од дистрибуциската компанија „Cercamon“ и го уредува каталогот на долгометражни документарни филмови во компанијата.

За наградата „Кокарче“ одлучува комисијата составена од Алба Чакали, фестивалски продуцент на „ДокуФест“ во Призрен; Златко Ѓелески, кој со филмска критика се занимава од 2008 година, а работи и како филмски автор, радиоводител и писател; и Невена Милашиновиќ, член на тимот на фестивалот „Лајтдокс“, каде е одговорна за дистрибуцијата во Централна и Источна Европа, Азија, Латинска Америка и Африка.

Во конкуренција за Награда за филм со најдобри етички идеи влегуваат сите филмови од натпреварувачките селекции, а одлучува комисија во состав: Артан Садику, истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија, а негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните практики во политиката и уметноста; Борче Стаменов, информатичар и филантроп кој го основал движењето „Донирај компјутер“ во 2016 година за собирање компјутери кои не се употребуваат за да ги донира на деца од социјално загрозени семејства, а досега се донирани над 1800 компјутери; и Сашка Цветковска, меѓународно наградуванa истражувачкa новинарка и главна уредничка на ИРЛ (Истражувачка репортерска лабораторија), непрофитна медиумска организација која работи во Македонија и на Балканот, значајна поради своето женско лидерство, младиот кадар и иновативното раскажување приказни.

По церемонијата на доделувањето на наградите ќе продолжи филмската програма во Куршумли-ан и на платото пред Музејот на РСМ.

Со почеток во 23 часот, на 24 август, во Куршумли-ан ќе се одржи и концерт на Елма и Адмир филм мјузик оркестар. Елма Бурниќ и Адмир Ќулумаревиќ со нивниот оркестар за публиката на „МакеДокс“ ќе изведат некои од најубавите севдалинки што се појавиле на филмското платно во прекрасен и интересен аранжман.

Филмската програма на 13. „МакеДокс“ ќе продолжи и на 25 август, со шест документарни филмови, чии проекции ќе се одржат во Куршумли-ан и на платото пред Музеј на РСМ.

Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје – Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.

Билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на РСМ може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.