Шахид Надим, драмски автор и новинар од Пакистан и Снежана Конеска Руси, актерка и театарски режисер од МНТ од Скопје, се автори на светската и македонската порака за Светскиот ден на театарот – 27 март.

Во својата порака насловена како „Театарот како светилиште“ Шахид Недим меѓу другото пишува:

Во нашиот ангажман со предизвиците на сегашноста, ние се лишуваме себеси од можностите на подлабоко движење на духовното искуство кое може да ни го пружи театарот. Во денешниот свет, каде фанатизмот, омразата и насилството се повторно во пораст, народите се устремуваат против народите, верниците се борат со други верници и заедниците фрлаат голема омраза наспроти другите заедници… и во меѓувреме децата умираат од неухранетост, мајките за време на породувањата заради недостаток на навремена лекарска грижа, а идеологијата на омразата цвета. Нашата планета тоне се подлабоко и подлабоко во климатска и климактичка катастрофа и веќе може да се чуе топотот на коњите од Четворицата јавачи на Апокалипсата. Ние мораме да ја надополнуваме нашата духовна сила; мораме да се бориме против апатијата, летаргијата, песимизмот, лакомоста и непочитуавањето на светот во којшто живееме, на Планетата на којашто живееме. Театарот има улога, благородна улога во витализирањето и мобилизирањето на хуманоста за да се подигне себеси од спуштањето кон бездната. Тоа може да ја подигне сцената, изведбениот простор во нешто свето.

 

Шахид Надим е пакистански водечки драмски автор, шеф на реномираниот Аџока театар. Роден 1947 година во Сопоре, Кашмир, тој станал бегалец уште како едногодишно бебе кога неговото семејство морало да емигрира од новоформираниот Пакистан после војната помеѓу Индија и Пакистан. Живеел во Лахоре, Пакистан, каде што магистрирал на психологија на универзитот во Пенџаб. Својата прва пиеса ја напишал уште како студент, но посветен драмски автор станал кога ја започнал соработката од неговото политичко изгнанство во Лондон со пиеси за пакистанската дисидентска театарска трупа Аџока, формирана од Мадиха Гохар, пионер театарски активист со која тој подоцна се оженил.

Недим напишал повеќе од 50 оригинални пиеси на јазиците Пенџаб и Урду и згора на тоа неколку адаптации на брехтовите драми. Бил трипати затворан од различни воени влади заради неговото спротивставување на военото владеење и усвоен од Amnesty international како затвореник на совеста. Во злогласниот затвор Мианвали тој започнал да ги пишува викенд пиесите продуцирани од и за затворениците. Подоцна работел како Меѓународен Координатор за Кампањи и Офицер на Азиско-Пацифичките комуникации за Amnesty International. Бил член на истражувачкиот Гети институт, Меѓународниот ПЕН, Американскиот и Национален дар за Демократија. Тој е исто така член и на интернационалната мрежа „Театар без граници“.

Драмите на Шахид Надим се многу почитувани заради нивната храбра социјална важност, понекогаш заради табуизираните теми како што е верскиот екстремизам, насилство врз жените, дискриминација на малцинствата, слободата на изразувањето, климата, мирот и Суфизмот. Некои од нив се однесуваат на проблемите од поделбата на Јужна Азија и го споделуваат културното богатство на тој регион. Тој многу вешто ги комбинира современите социјални и политички теми со традиционалните форми и фолклорното богатство за да прикаже забавен и интелектуално стимулативен театар. Дене е предавач на Уметност на пишување на Институтот за изведбена уметност и култура во Лахоре.

Во македонската порака за Светскиот ден на театарот, актерката и режисерка Снежана Конеска Руси пишува:

Генерации глумци заминуваат – театарот останува. Опстојува, пркоси на просторот и времето. Паѓа – се крева, се урнисува – се издигнува, се спротивставува – заздравува. Преживува се: беда, сиромаштија, конфликти, војни, делби, цензури…клучни кругови, чести кризи, смени на генерации – и секогаш истото прашање – „може ли театарот повеќе од ова долу-подолу?“

Театарот му пркоси и на филмот. Кој ќе надвладее? Филмот или театарот? Стравував од доминацијата на филмот. Тој не нуди одживување на туѓиот живот, тој можеби го ослободува гледачот од мака, но и го полни со агресија. Се обидува да создаде илузија кај човекот дека е надчовек. Театарот само го формира човека како човек.

Телевизијата пак го тера гледачот да ги заборави своите маки, порази, а да ги преживува туѓите. Телевизијата го прави гледачот мртов.

Гледачот во кино сака да се скрие од светот, да превземе доживувања кои самиот ги нема. Гледачот во театар вистински ужива. Театарот овозможува „игра“, нуди неповторливо задоволство. Театарот го чинат живи луѓе. Филмот нуди одредена приказна, театарот нуди живот. Театарот е уметност на живи луѓе.

Театарот е лековит. Ослободува од страв, а ослободен од страв човек живее, се радува, создава, задоволен е. Задоволен човек оди во театар.

Човекот на нашево време живее во страв и се‘ прави за да го потисне. Глумецот е тој, кој треба со својата дарба да го растера стравот кај другите, но и кај него лежи тој пусти страв, страв од вчера, од денес, од новото утре, страв од неуспех, од успех… Јас, третиот чинител на трајното единство – автор, актер, гледач, стравувам од новата можна самоцензура кај уметникот.

Стравувам и од новата битка на театарот со интернетот. Театарот за нас е дијалог, интернетот е дијалог на поединецот со светот. Секој прави лажна претстава за себе. Секој има свој Фејсбук профил и секој сака да се презентира и да создаде свој имагинарен свет. Секој свесно или несвесно, става маска, игра своја „игра“, некоја улога во животот – па нели „целиот свет е театар“? А „светот е сцена“ (Шекспир). Најточно ќе прозвучи латинската изрека – Totus mundos agit histrionem! (светот цел во глумење се дал). Во театар, под режисерската рака, глумецот ја отфрла маската, се разоткрива себе си, секоја улога ја откинува од животот, за да биде веродостојна, за да му се верува безрезервно.

Во театарот влегуваме како поединци, а твориме како колектив, најразлични претстави… добри, просечни, интересни, зачудни…потребен е долг период за да се појават врвни дела. Тоа е магичен круг…

Новото време носи нови предизвици…или можеби се стари?… историските прилики можеби се менуваат, или се повторуваат? Повторно врамени во круг. И битката се повторува,постојано иста. Театарот сака да ја зачува својата моќ, за да може да твори, да креира нов свет, да ѕирка во забранетото, да ја открива вистината…убавината…да ја препорачува и поезијата, толку потребна на овој свет, а глумецот – ќе сака и ќе треба да ја дарува… тоа е и наша мисија – да им ја вратиме на луѓето вербата во соништата…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.