В сабота, на 26 декември во 19 часот е закажана последната премиера за оваа година на Театарот за деца и младинци (ТДМ) „Некој нека ми каже колку сум важен”, работена според приказната „Kurt Quo Vadis?” на Ерленд Лу. Драматизацијата е на Милена Деполо, а режијата на Слаѓана Килибарда  од Хрватска.

Килибарда првпат гостува во ТДМ и воопшто првпат во македонски театар. Во разговор за „Република“ режисерката раскажува дека токму претставата на познатиот македонски режисер Александар Поповски, „ММЕ кој прв почна“ била главната причина поради која таа се решила да се занимава со театарска режија.

Во претставата „Некој нека ми каже колку сум важен”, играат: Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Никола Наковски, Ненад Митевски и Ангела Димитрова.

Првпат гостувате во Театарот за деца и младинци. Какво беше вашето искуство со актерите?

КИЛИБАРДА: До сега сум режирала во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина, а претставите повеќепати ми гостувале во Словенија. Досега не сум имала шанса да работам во Црна Гора, како ни во Македонија. Мојот контакт со Скопје последен пат беше во 2001 година, кога како студентка по режија, дојдов на концерт на Кирил Џајковски. Тука ја запознав и режисерката Драгана Милошевска. Всушност, мојата конечна одлука да се занимавам со театарска режија некако е поврзана со Македонија. Во деведесетите години на минатиот век во „Гавела“ гостуваше претставата на Македонскиот народен театар (МНТ), „Маме му ебам, кој прв почна“ на Александар Поповски. Толку бев меѓапсана од претставата, така што на примениот испит во Загреб (на кој не поминав), напишав есеј правејќи паралела меѓу драмата на Мирослав Крлежа „Адам и Ева“ и „ММЕ кој прв почна“ на Дејан Дуковски. Повторно се сретнав со вашиот театар сега во Театар за деца и младинци, со оваа прекрасна екипа и текст кој за мене беше многу инспиративен. Ова време на пандемија во кое живееме можеби даде и нов лик на сцената.

Како е да се прави претстава во време на епидемија на корона и тоа во друга земја? Како се справивте со протоколите?

КИЛИБАРДА: Во услови на пандемија воопшто не е лесно да се работи претстава која трае 70 минути, посебно што има „тешка сценографија“, костими и кукли. Чувството дека секој ден може да биде и последен и дека во секој момент може да се прекине процесот кој е во тек, не е нималку забавно. Но, од друга страна пак, на сите ни беше голем предизвик токму во вакви услови да направиме нешто добро, претстава која по завршуваше на пандемијата на децата ќе им укажува на битните работи во нивното растење. Она што посебно ме радува е тоа што соработував со многу посветени и талентирани актери. Тоа задоволство од работата со нив е за мене најубав новогодишен подарок.

За што се раскажува во претставата? Каква порака им испраќа на гледачите?

КИЛИБАРДА: Текстот за претставата го прочитав пред две години и во него се вљубив на прв поглед. Кога овој проект беше избран на конкурсот во 2019 година, не можев ни да сонувам дека ќе дојде време во кое на претставата ќе и додадеме уште една, дополнителна димензија на сцената. Мојата иницијална идеја беше да им укажам на денешните млади генерации дека да бидеш медиумски присутен, да им бидеш важен на илјадници и милиони пријатели и да смислуваш работи кои носат краткотрајна слава, не е она што во крајна инстанца нè прави среќни и исполнети. Да ја работиш работата која ја сакаш и добро да ја работиш, да имаш семејство и да бидеш чесен и добар човек се вредности кои лесно ги губиме и ги обезвреднуваме. Главните јунаци во претставата тргнуваат да ги исчистат светот со своите моќни правосмукалки. Во меѓувреме, се случува корона и се бара чиста Планета. Се случува нешто кое нè предупредува што ѝ направивме на природата. Сите на некој начин влеговме во еден голем медицински скафандер од кој може да излеземе само ако почнеме да живееме во склад со природата. Она што ми се наметна додека ја работевме претставата е дека се отвори простор за суптилна критика на општеството и времето во кое живееме, посебно ние, во транзициските земји, каде што составот не функционира според демократските правила. Тоа не значи дека направив претстава која не им е блиска на децата, туку напротив, се обидов тоа да го направам низ хумор, леснотија и многу музика.

Оваа претстава на некој начин е мое деби во овој вид на драмски текст како и жанровски одредници на претставата. Се водев од брзината на инфорамциите и сензациите кои ги примаат денешните деца. Се обидов театарскиот медиум да им стане повторно привлечен и интересен, исто како и екранот на кој секојденвно поминуваат многу часови. Театарот нуди размена на емоции, интеракција меѓу живи луѓе. На децата им е потребен жив контакт, токму она што короната им го одзеде. А можеби ни дојде како големо предупредување!

Исто така, денешните деца се под голем притисток да бидат битни, важни. Либералниот капитализам нè доведе до тоа медиумската популарност да биде единственото мерило. Сè останато се деградира, се доведува во прашање, се омаловажува. Изгледот, парите, метаријалното е толку примарно, така што децата уште во основно училиште, а можеби и во градинка се проценуваат низ овие параметри. Знаењето, добрината, емпатијата, човечноста, чесноста, квалитетот, сите овие особини не се веќе „ин“. Родителите, од трката за егзистенција немаат време за семејството, ни за воспитување, ни за децата, ни за себе. А нам, генерациите ни ги воспитуваат „Пинк“, јутјубери, инфлуенсери и тик-токери.

Има ли смисла да се прави театар во време кога луѓето се затворени во своите домови и чекаат да пројде оваа епидемија?

КИЛИБАРДА: Денес, посебно во оваа ера на епидемија, децата многу тешко може да останат деца. Се соочуваат со проблемите на возрасните, со нешто што не го разбираат и нешто што во основата е „војна“ на детството. Сметам дека секој грижлив родител, на микро ниво треба и мора да му помогне на своето дете. Медиумите кои шират паника и живеат од лоши објави, не се изборот.

Адекватна реформа на образованието не се случи во ниту една земја од порашна Југославија. А токму таа треба да понуди начини на кои ќе се формира здрава личност.

Во оваа рецесија мора да им понудиме на децата повеќе бесплатни содржни, од спорт, преку јазик, до културни и уметнички работилници, за некој со нив да се занимава на адекватен начин. И она што е најважно, секојдненвно да им се кажува дека играта во живо, со пријателите, надовор, во природа, во градинка, во учлиште, во театар е нешто најубаво што може да им го подариме. Допир, глас и внимание во живо!

Разговараше: Александра М. Бундалевска

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.