На 4 февруари оваа година во реномираната сала Флаже (Flagey) во Брисел ќе се одржи камерен концерт во рамките на проектот (European Contemporary Composers Orchestra) кој е еден од најважните културни проекти на Европската алијанса на композитори и сонграјтери (Еuropean Composer and Songwriter Alliance). Ова е трет пат ист композитор од Македонија да биде меѓу избраните автори чии што композиции ќе прозвучат на овој концерт, што претставува своевиден преседан во досегашната историја на проектот, кој што беше започнат во 2013 година. Станува збор за композиторот и виолинист Михаило Трандафиловски кој живее и работи во Лондон.

Досега Трандафиловски во програмата на концертите на ECCO беше застапен во 2015 година со делото „Dyptich“ за виолина и гудачки оркестар кое го изведбе ансамблот Sturm un Klang, и во 2018 година со делото „Fibers and Coils“ кое прозвуче во изведба на реномираниот Diotima Quatuor. На годинешното издание на ECOO во Брисел по пат на анонимен конкурс, уметничкиот одбор од пријавените педесетина композиции одбра вкупно седум, меѓу кои се најде и делото „Трио-О“ за флејта, виолина и пијано на Трандафиловски кое овој пат ќе го изведе ансамблот Fractales.

Европската алијанса на композитори и сонграјтери ги обединува композиторите во Европа од сите жанри (сериозна, популарна и филмска), ги брани и промовира правата на музичките автори на национално, европско и меѓународно ниво преку сите достапни правни средства, како и преку низа значајни културни проекти со кои се зголемува нејзината видливост.

СОКОМ е член на алијансата од нејзиното основање во 2006. Претставничка на СОКОМ од 2008 година е Јана Андреевска, која од 2013 е членка на Уметничкиот одбор на ЕCCO, а од 2019 избрана за потпретседател на комитетот за сериозна музика и член на Управниот одбор на ECSA.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.