Уметничката галерија „Ел Греко“ ја подготви изложбата на еден од најреспектираните уметници од поранешна Југославија – Мерсад Бербер, која ќе се отвори на 30 ноември, вторник, во 19.00 часот.

Мерсад Бербер на нашите простори за последен пат е претставен пред речиси 40 години. Оваа значајна индивидуа од поранешно југословенското уметничко милје е една од ретките фигури која постигнува меѓународна признаеност и кариера, негови дела се наоѓаат во бројни меѓународни колекции (јавни и приватни), меѓу кои треба да се истакне фактот што негови дела се откупени и изложени во Галеријата Тејт во Лондон од циклусот Hommage à Velásquez.

Мерсад Бербер е по потекло од Босна и Херцеговина, од малото место Босански Петровец. Тој постигнал одлични резултати во разновидни уметнички медиуми и дисциплини, од графиката, која му е специјализиран медиум, со стекнати знаења и обуки на до-дипломски и магистерски студии на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, а секако и во дисциплината на сликарство, цртеж, илустрација, сценографија, костимографија итн.  Неговата виртуозност во цртачката техника му ги овозможила успешните манипулации во сите останати техники и медиуми, со помош на која успевал да постигне деталност, мунициозност и прецизност, која ретко кој модерен уметник знаел да ја долови. Бербер се појавува на ликовната сцена во 60-те години на XX век и веднаш почнува да постигнува врвни резултати, да освојува многубројни меѓународни награди на престижни биеналиња и триеналиња за графика, кои постепено му го трасираат интернационалниот подем и визибилност во кариерата. Маестралноста на Бербер лежи во неговата одлична моќ да направи скенирање на најзначајните моменти од локалната, подалечна или поблиска, историја и традиција, како и на, за него, најзначајните примери на уметници и дела низ вековите, и истите да ги искомбинира, уметнички да ги трансформира и исколажира на мошне впечатлив, постмодерен начин кој оддишува со неверојатна моќ за поврзување на старото и новото, на Истокот и Западот, на класичното и современото, на исламското и христијанското, на ренесансата, нејзината обнова во нео-класицизмот, на експресионизмот и сецесиозмот и истите да ги преточи во современата цитатност и преобразба, низ дела кои освен со својата комплексна техничка постапка и сликарска (цртачка виртуозност) го носат и белегот на сижејна концентрираност во која се преплетуваат многуслојни поврзани, преклопени или кадрирани нивоа на читливост како полифонични панели.

Мерсад Бербер  е роден на 1 јануари 1940 година, Босански Петровац, а починал на 7 октомври 2012 година во Загреб. Годините од најраното детство и младост, поради воените околности, ги поминал во Бања Лука, каде што завршил основно и средно училиште. Веќе како средношколец илустрирал книги и списанија. Студирал во Љубљана на Академијата за ликовни уметности, 1959-1963 година, а дипломирал во класата на Максим Седеј. Во 1965 година ги завршува постдипломските студии по графика на Академијата за ликовни уметности во Љубљана, во класата на професорот Рико Дебењак, а истата година ја има првата самостојна изложба во Градската галерија во Љубљана.Од 1968 до 1973 година предавал на Факултетот за применета уметност во Сараево, а во 1973 година бил назначен за доцент на тогаш новоотворената Академија за ликовни уметности во Сараево. Во 1980 година, Мерсад Бербер е избран за член на Комитетот за дизајн, при Олимпискиот комитет, за организација и подготовка на визуелниот идентитет на Зимските олимписки игри во Сараево – ЗОИ ‘84. Имал огромен број самостојни изложби низ целиот свет, а учествувал на многубројни групни изложби, локално и меѓународно. Тој е добитник на голем број престижни награди и признанија на најзначајните меѓународни сликарски и графички изложби. Живеел и работел во Љубљана, Сараево, Загреб и Дубровник.

На изложбата ќе бидат претставени 23 графички листови, дел од нив во комбинирана техника, а дел во техниката glicée. Изложбата ќе биде поставена до 20 декември во галеријата Ел Греко на ул. Максим Горки 17.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.