Дебитанскиот филм „Сестри“ на младата режисерка Дина Дума е македонски кандидат за наградата Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм, соопшти Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).

Комисијата во состав: Дејан Димески – кинематографер и претседател на Комисијата, Роберт Јанкуловски – фотограф и кинематографер, Петар Богоевски – дизајнер на светло, Несрин Таир – актерка, Снежана Поњевиќ – Муча – сценографка, Александар Пејовски – композитор и Дритон Вејсели – актер, прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, донесе одлука филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума, да биде национален кандидат на Македонија за оваа награда за 2022 година.

Како што соопштуваат од ДФРМ во конкуренција за кандидатурата бил и филмот „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи.

„Сестри“, ја доби Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот, на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, најголемиот фестивал во Чешка. Наградата носи и 10.000 долари. Тој е еден од најстарите филмски фестивали од А категорија. Со „Сестри“ беше отворено и годинашното издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

„Сестри“ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Во филмот  се раскажува за тоа како еден клик на социјалните мрежи може да уништи нечиј живот.

Во „Сестри“ главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Во продукција на „Лист продукција“, продуцентка е Марија Димитрова, сценариото е на Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, шминката е на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев-Новоградска.

Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука објави дека 94-та церемонија з доделување на Оскарите ќе се одржи во недела, 27 март 2022 година, во Лос Анџелес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.