Со концертот „Вода“ вечерва, на 30 јули во Куршумли ан во 21 часот се затвора 42. издание на „Скопско лето“. Изведувачи на концертот се Давор Јордановски – клавијатури, Алек Секуловски – тапани, Огнен Георгиевски – електричен бас, Оливер Јосифовски – контрабас, Сања Шуплевска – виолина, Орце Зафировски – фагот, Александар Јовевски – кавал, тамбура. Специјални гости се Љубојна и Васил Гарванлиев.

Музиката на „Вода“ е вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии со џез, фанк, класични и рок стилови.

Познатиот пијанист, композитор и продуцент, Давор Јордановски и неговата група „Вода“, го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Покрај разновидноста во инструментацијата и интелегентно распоредените ритмички варијации, музиката на „Вода“ се одликува и со динамична и течна инструментација и звук. „Вода“ се храни од својата околина и зазема форма во контекстот на она што се изведува, отелотворувајќи, истовремено, спокој, чистота, промена, моќ и бес – исто како и самата вода.

Давор е роден и пораснал во Македонија, живее во Канада, а поминал и неколку години во Либија, како дете. Впечатоците од живеењето во таа култура останауваат со него додека расте во неговиот роден град Скопје, каде е под влијание на музиката од Балканот и Европа. Во Канада, синтезата на музичките култури во музиката на Давор еволуира во уникатен стил, „world fusion“ што успешно обединува бесконечен спектар на разновидни звуци, инструменти, аранжмани и чувства. Давор своето класично музичко образование го продолжува и надградува со истражување на разни музчики стилови, како поп, џез, R&B, музика за филм, jazz fusion, амбиентална, како и музика за симфониски оркестар.

Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, а влезот ќе се регулира со билети по цена од 300 денари кои ќе може да се купат на karti.com.mk и на влезот на Куршумли ан пред почетокот на настанот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.