Овој четврток во 20 часот, со концертот насловен „Данте“, Филхармонија ја заокружува оваа концертна сезона. На последниот концерт во официјалниот дел од сезоната ќе бидат изведени дела од Фомин, Лист и Пачини, а солист е пијанистот Андреј Гугнин од Русија. Оркестарот ќе го води Габриел Бебешелеа, шеф диригент на Филхармонија.

Рускиот пијанист Андреј Гугнин е исклучителен уметник и виртуозен изведувач кој поседува разновидна и префинета техника која и служи на неговата исклучителна музичка имагинација. Во 2020 година, ја доби наградата на магазинот на „Би-Би-Си“ за најдобра изведба на Шостакович за неговата изведба на неговите 24 прелудиуми и Сонатите за пијано бр.1 и 2. Откако ја добива првата наградата на престижниот натпревар во Сиднеј во 2016 година, Гугнин постојано концертира на светските сцени со најдобрите оркестари и диригенти.

Настапувал како солист со Лондоскиот филхармониски оркестар, со Марински симфониски оркестар, со Холандскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на исклучителни диригенти како маестро Валери Гергиев, Јап Ван Зведен, Даниел Рајскин, Станислав Кочановски, Ашер Фиш… Соработувал и со повеќе камерни ансамбли.

Снимил повеќе музички изданија со соло и симфониски дела. Неговото це-де со изведба на „Трансцеденталните етиди“ од Лист беа издвоени во „Грамофон“, а Гугнин беше потенциран како пијанист чие време допрва доаѓа.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними ЦД со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала-фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на прва награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг Симфонискиот оркестар (2016). Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Својата репутација како диригент на опери ќе ја зацврсти со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба која ќе добие високо позитивни критики. Во 2015 година, Бебешелеа работел со едни од двајцата најценети диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.