Во рамките на Фестивалот на грчки филм и култура, вечерва во Клуб ресторанот МКЦ концерт ќе одржи еден од најпознатите грчки музички бендови во последните години. Станува збор за бендот на Фоивос Деливоријас. Тие имаат специјален репертоар за оваа прилика и ќе свират филмска музика од познати грчки филмови. Оваа мошне посебна колекција од репрезентативна грчка музика е всушност придонесот на грчкиот текстописец за грчкиот филмски фестивал и култура 2019 во Скопје.
Деливориас пристигна во Скопје и поразговаравме со него за филмот, музиката, инспирацијата, впечатоците…

За прв пат доаѓате во Скопје. Како го доживувате доаѓањето во нашата земја?

Со нетрпение го очекувам настапот. По сите тие години на политички превирања, имаме шанса да се запознаеме, како луѓе, како културни ентитети. Знам дека некои политичари – од мојата земја и од вашата земја, исто така, се потпираат на нашите разлики, од нашите причини да се конфронтираме. Јас, како и сите уметници, барам комуникација помеѓу многу различен вид на луѓе. Ми се допаѓаат конфронтациите, но на еден сосема друг начин: Сакам да ја доведам кај вас нашата убавина и да се соочам со вашата. Сакам да научам, да бидам под ваше влијание, додека сум јас. Тоа е мојот политички став, ако воопшто имам став.

Кажете ни каков репертоар ќе и презентирате на публиката?

Избрав 15 песни и инструменти што некако му покажуваат на човек кој не знае за грчката кинематографија и нејзината историја, нејзините опсесии, нејзиниот шарм. Песни од Хаџидакис и Теодоракис, од стари грчки популарни мјузикли, или песни од филмовите Ангелопулос и Лантимос.

Кои се музичарите со кои ќе настапувате? Дали се знаете одамна? Како се оствари соработката помеѓу вас?

Антонис Сусамоглу е врвен грчки виолинист. Тој е прва виолина во Државниот оркестар на Солун и карактеристичен аранжер и композитор. Соработувавме и во симфониски концерти и во саундтракот. Џорџ Кацанос е познат мулти-инструменталист во Грција, фигура налик на Том Вејтс. Тој е „onе-man“ бенд. Често ја делиме сцената, се нарекуваме себеси „Големиот бенд“! Нефели Фасули е инспиративен млад пејач, одличен уметнички партнер со кој соработуваме извесно време.

Со својата изведба ќе придонесете за фестивалот на современиот грчки филм и култура. Како се чувствувате што сте дел од овој настан, прв од ваков вид институционално поддржан од вашата земја?

Многу сум трогнат. Мислам дека ние уметниците треба да бидеме пионери во насока на подобро да се запознаеме едни со други. Со нетрпение очекувам да ги запознам и кинематографијата и музиката на вашата земја.

Колку знаете за нашата музика? Дали сте гледале некој македонски филм?

Сум го гледал „Пред дождот“, но претпоставувам дека сите што не потекнуваат од вашата земја го знаат тој филм. Сакам да бидам информиран, навистина сум љубопитен да научам повеќе работи. Што се однесува до музиката, јас навистина не знам ништо освен вашиот фолклор и би сакал да ги слушам современите уметници.

Филмската музика е специфичен жанр. Сте пишувале ли филмска музика?

Јас го составив ОСТ на „7 видови гнев“ од Вупурас. Сакам филмска музика, од Алекс Норт и Нино Рота до Ханс Зимер и Џони Гринвуд. Би сакал да работам повеќе на OST.

Кој е вашиот омилен режисер? Омилен филм?

Љубител сум на режисери од типот на Фелини. Ми се допаѓаат неговите барокни слики, неговата креативна енергија и неговата љубов кон луѓето, кон нивните тела и души. Значи, мојот омилен филм е веројатно „8½“.

Во едно интервју велите дека секогаш има материјал за уметниците. Каде ја наоѓате вашата музичка инспирација?

Во разговори, во сексуални врски, во тепачки, на улица, во гледна точка на децата, во самата уметност. Насекаде каде има длабока реалност со друга личност.

Ако не сте музичар, дали би се пронашле во некоја друга уметност? Сликарство, театар, филм можеби?

Најверојатно би бил филмски режисер. Сакам филмови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.