Музичката програма на „Охридско лето” продолжува со вечерашниот концерт на гитарското дуо Срѓан Булатовиќ и Дарко Никчевиќ од Црна Гора.

Срѓан Булатовиќ (доктор од областа на изведувачките уметности и класична гитара) и Дарко Никчевиќ (фламенко гитарист и дипломиран стручњак од областа на аудио технологијата) се уметници со меѓународно реноме кои повеќе години ја освојуваат музичката јавност со нивната виртуозност и возбудлива интерпретација.

Нивните два настапи во Карнеги хол (во 2016 и 2017 година) ја докажуваат уникатноста на овој гитарски ансамбл што е спој на медитеранската убавина и мистичноста на ориентот. Повеќе од 25 години ова гитарско дуо настапува пред домашната публика во Црна Гора, но и надвор од неа – САД, Русија, Велика Британија, Германија, Италија, Франција, Португалија, Полска, Обединети Арапски Емирати, Белгија, Холандија, Грција, Унгарија, во земјите од поранешна Југославија, Албанија, Азербејџан… Нивните настапи на кои изведуваат лична авторска музика ги одликува специфичен музички јазик во кој се испреплетуваат техниките и стиловите на класичната и фламенко гитарска интерпретација, а ги спојува нишка на традиционални црногорски мелодии и ритми, теми од филмска, популарна музика…

Заеднички имаат издадено девет носачи на звук за различни издавачки куќи, а последните два албуми (во 2018 и 2020 година) ги издаде светски познатата компанија „Наксос”.

Концертот е во катедралната црква „Света Софија” со почеток од 21 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.