Вечерва, на сцената на Драмски театар Скопје во 20 часот премиерно ќе биде прикажана претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ по текст на Сајмон Стивенс, а во режија на Зоја Бузалковска.

Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Стивенс е адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Овој роман освои 17 престижни награди. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена прво во Националниот театар во Лондон.

Дејствието се случува во Свиндон и Лондон, а приказната се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифицирано нарушување од аутистичен спектар.

Она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно – воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика. Од друга страна, пак, жанрот на црната комедија и на моменти сурово остриот, иако бескрајно духовит, јазик, ја носат пред се во вечерните термини и ја усложнуваат нејзината улога, вели режисерката Бузалковска.

Улогите во претставата ги толкуваат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева – Вељиќ Таци, Александар Степанулевски, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

Преводот е на Благоја Бошковски Буцко, а драматург е Александра Бошковска. Сценографијата е на Константин Трпеноски, а костимографи се Елена Вангеловска и Раде Василев. Музиката е на Давид Ангелевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.