Македонскиот народен театар утрово соопшти дека актерот Славиша Кајевски трагично го загуби својот живот.

Кајевски е роден на 01 февруари 1982 гoдина во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005 година, а од 2010 е дел од ансамблот на Македонски народен театар – Скопје.

Не остави збунети, во болка и во неверување! Не остави во длабока тага! Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите! Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот и никогаш нема да бидеш дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. За оние кои те познаваат, остана празнина во душата и на сцената на МНТ поради твојата сеприсутност на сцената и како верен колега, пријател и човек. Останавме без твојата безрезервна љубов и поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги зад сцената.

Ти на оваа сцена беше Клег во „Бесачи“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, Таткото во „Соларис“, Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Тероризам“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, Таткото Тил во „Сината птица“, Озрик и Цар Едип во „Аферата Елсинор“, Готфрид Најцзекер во „Вечната куќа“, Грен во „Подемот и падот на кабарето“, „Декамерон“, „Животот е сон“, Јован и Анѓеле во „Парите се отепувачка“, Корубин во „Свадбата на Фигаро“, Тибалт во „Ромео и Џулиета“, „Бесови“, „Немој ти мене Фауст“, „Троил и Кресида“, „Суд“, „Лет во три глави“, Рака во „Госпоѓа Министерка“, Џими во „Вејка на ветрот“, Гласникот во „Мара/САД“, Маро Мароев во „Дундо Марое“, Морис во „Дракула“…

Остана да те гледаме како Фантом во филмот „Хомо “, Енди Гомез во „Baaghi“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“ и друго, стои во соопштението со кое неговата матична куќа се прости од починатиот актер.

Актери и вработени во театрите низ Македонија, но и пријатели, познаници, публиката пред која настапуваше, се простуваат од актерот. Сите се во неверување по трагичната вест која ја објави Македонскиот народен театар, дел од нив и без коментар. Актерката Јелена Јованова напиша: „Зошто Славиша, зошто?“.

 

За приватниот живот не зборуваше, поради, како што велеше,  „намалените вредности во нашето општество и презаситеноста“

Сметам дека секој си дозволува да се појави на телевизиските екрани и постои презаситеност, така што јас лично одбирам што помалку да се појавувам во јавноста, велеше Кајевски.

Се дружеше и приватно со колегите Горазд Цветковски, Сашко Коцев… и зад сцената, кои честопати во нивните интервјуа споделуваа интересни случки. Израснале заедно, заедно студирале и долги години ја делеа сцената.

Улогата во „Електра“  во режија на Андри Жолдак ја сметаше за посебна.

Процесот на подготовка беше многу напорен и имаше големо влијание врз мојот живот. Од оваа улога научив многу за дисциплината, велеше Кајевски.

Пробите со Жолдак траеја по 12 часа.

Почетокот на пробата зависи од чувствувањето на режисерот. Пробата може да се спореди со работата на сликарот врз платно. Секој потег со четката го нанесува поединечно и така ја создава сликата. Така Жолдак ја создава претставата. Дополнителен момент е неговиот филмски метод на работа и сите сектори од екипата се вклучени во процесот. Подготовката на претставата беше многу тежок физички и психолошки процес за сите нас, но среќни сме што работевме со Жолдак, бидејќи тој успеа да ни открие дека човек не може да знае што сѐ носи во себе додека не почне да истражува одвнатре. Кај нас се случи процес низ кој поминувале актерите што работеле со Тарковски, со Бергман, со Годар, и затоа мислам дека Жолдак е генијалец што работи со нас, бидејќи добивме магија на сцената, изјави тогаш Кајевски.

По учеството на талент кампусот на „Берлиенале“ си посака да снима многу филмови и со еден македонски – да стигне на Берлиналето.

Комеморацијата е утре во МНТ, петок, 03.12.2021 година во 10:00 часот, а погребот е во 12:00 часот, во капелата Ѓорче Петров.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.