Четири филма од современата унгарска кинематографија ќе бидат прикажани од вечерва до 13 октомври во Кинотеката, во рамки на фестивалот „Киненова“.

Во фестивалската програма „Фокус на современата унгарска кинематографија“ вечер од 20 часот ќе биде прикажан „За тело и душа“ по сценарио и режија на Илдико Ењеди, снимен во 2017 година, а од истиот автор утревечер од 20 часот е проекцијата на „Мојот 20 век“ од 1989 година.

Во наредните два дена, 11 и 12 октомври, од 20 часот ќе бидат прикажани два филма по сценарио и режија на Корнел Мундручо – „Нежен син: Проектот Франкештајн“ од 2010-та и „Јупитеровата месечина“ од 2017 година.

Како што соопшти Унгарската амбасада во Скопје, се работи за двајца успешни режисери кои ја претставуваат „златната ера“ на унгарскиот филм.

– Во изминатите две децении унгарската кинематографија доживува преродба со голем број современи унгарски филмови што добиваат престижни меѓународни награди, вклучувајќи и два Оскара, во 2015 и во 2017 година, соопшти Амбасадата на Унгарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.