Во рамките на 20-та Литературна манифестација „Илинден 2019“, во Домот на култура „Илинден“, во Општина Илинден, се одржа чествување за академиците Матеја Матевски и Гане Тодоровски по повод 90-ет годишнината од нивното раѓање.


Беседа за животот и творештвото на академиците одржа Раде Силјан, а дел од нивното творештво на присутните им презентираа Паскал Гилевски, Драган Мијалковски, Антонио Павловски и Ивана Боцевска.
Во својата беседа Раде Силјан истакна дека Матеја Матевски спаѓа во редот на челниците на современата македонска литература, кој во изминатите децении на богата и континуирана творечка дејност создаде дела кои го легитимираат како автентична и неповторлива книжевна појава, како редок и стаменит творец, кој во нашиот простор востанови високи естетски стандарди.


Зборувајќи, пак, за Гане Тодоровски, Силјан рече дека во целокупното негово творештво тој бил опседнат со македонската судбина.

Неговата поезија е величествена поема, истовремено и трагична и хуморна, нежна и темна, видовита и горда, полна со слики, кристално чисти, со далекусежни пораки. Во некои песни достигна поетско мајсторство, карактеристика на творци од голем формат, истакна Раде Силјан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.