Центарот за култура „Ацо Шопов“- Штип со богата програма за публиката ќе одбележи 99 години од раѓањето на великанот и патронот на институцијата, Ацо Шопов.

Директорот на Центарот, Горан Трајков, вели дека настаните кои претстојат во декември ќе бидат предвесник на јубилејот, 100-годишнината од раѓањето на поетот, но и во чест на 100 години организирано театарско живеење. Од таа причина, акцент во целокупната програма ќе се стави на театарските претстави, од кои половина се од Театарот во Штип, а има и гостувања од театрите во Кочани, Скопје, Куманово и Турскиот театар во Скопје.

-Програмата предвидува 27 настани за овој месец и е во знак на предновогодишните празници и она на што сакаме да ставиме акцент е тоа дека сакаме со луѓето заеднички да почнеме да ги чествуваме новогодишните празници коишто ни претстојат и со тоа да ја завршиме и заокружиме оваа година. Имаме предвидено еден маратон во којшто се состојат сите наши претстави коишто се активни на репертоарот и имаме гостувања во нашиот театар. Затоа ги ставивме во десет театарски претстави и овозможивме да имаме една влезница за сите претстави, по симболична цена од 100 денари, рече Трајков.

Освен театарски претстави, во декември публиката може да биде присутна и на промоции и изложби. Меѓу изложбите е и Лесновската ликовна колонија, која традиционално секоја година се поставува во Центарот за култура, а меѓу промоциите е и наградената книга за деца од која понатаму ќе следи новогодишна претстава.

-Имаме промоција на наградената книга „Ајварко, кифи и мистер хамбургер“, којашто ќе ја испечатиме и ќе ја претставиме пред нашите граѓани. Ќе може да ја поделиме на најмалите учесници во културниот живот, тоа ќе биде и преку новогодишна претстава. Потоа имаме уште три книги – од Венко Андоновски, Винка Саздова и Јагода Михајлова, рече Трајков.

Во рамките на програмата се завршниот концерт на Градскиот дувачки оркестар, како и традиционалниот новогодишен центар на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип. Со последниот настан на 27 декември Центарот за култура ќе ја заокружи годишната програма.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.