На својот последен состанок, жирито за доделување на наградата „Антево перо“ и другите награди сврзани со Меѓународната поетскo-културна манифестација „Анте Поповски – Антево Перо“, во состав проф. д-р Венко Андоновски (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), уште еднаш ги разгледа и ги дискутираше поетските книги кои беа претходно селектирани како кандидати за годинешнава награда „Антево перо“: Ѕвезден часовник на Димитар Арнаудов, Небесни разговори на Братислав Ташковски, Сите болки станаа мои на Елизабета Баковска, Опит на Сузана Мицева, Позлатено распетие на Ивица Челиковиќ, и Светец на Ирена Павлова де Одорико.

По дискусијата, Комисијата донесе едногласна одлука наградата „Антево перо“ за 2021 година ѝ се доделува на книгата Небесни разговори од Братислав Ташковски.

Наградата „Антево перо“ се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавен поетски ракопис, а ја доделува Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски.

Братислав Ташковски е веќе четири децении препознатлива константа на македонското поетско писмо; освен што е етаблиран поет со свој впечатлив поетски портрет, тој е и еминентен прозаист и драматург, чија литература се оствари и преку филмска форма. Но, пресудна за добивањето на наградата „Антево перо“ беше естетската вредност на неговата стихозбирка Небесни разговори. Станува збор за можеби најдобрата до сега објава на овој исклучителен поет, македонскиот Езра Паунд и Борис Пастернак, како што беше препознаен од критиката на неговата генерација, во која тој и Славе Ѓорѓо Димоски се поетскиот двоец на врвот. Тоа е поезија сега обземена од вишата смисла на постоењето, од мистеријата на езотеричното зад материјалното; поезија, која и до сега го познаваше модернистички-постмодерниот поетски идиом, и која и до сега се занимаваше со опсесивниот мотивски триаголник: поезија – жена – татковина, но овојпат, тој триаголник станува длабоко метафизички, духовен и религиозен во смисла на поетското писмо: тоа е една длабока религија на поетското, вера во поезијата и на нејзината (единствена?) можност да биде – небесен, а не само земен дискурс.

На истиот состанок, Комисијата, од истата селекција, ги разгледа и кандидатите за наградите „Антев златник“ и донесе едногласна одлука:

Наградата „Антев златник“ за 2021 година им се доделува на: Елизабета Баковска за збирката поезија „Сите болки станаа мои“ и на Димитар Аранаудов за книгата „Ѕвезден часовник“.

Елизабета Баковска, во стихозбирката „Сите болки станаа мои“ на еден маестрален интертекстуален начин го вкрстува кодот на народната поезија со најсовремениот постмодерен идиом на отуѓениот човек на денешницата. Таа го „допева“ највредното од богатството на нашиот фолклор со еден современ поетски идиом, и со тоа добива македонски не само поетски, туку и културолошки палимпсест. Станува збор за исклучителна, зрела, учена поетеса (poeta doctus) која точно знае што пишува и како пишува, а притоа на срцето му го остава и првиот и последниот потег на перото.

Димитар Арнаудов, име познато на Комисијата по сјајните поетски резултати и од претходните конкурси, е веќе целосно зрел поет свртен кон езотеричното, со една поетска микроскопија (речиси зен-моќ) која и во зрно песок може да ја види целата вселена. Во стихозбирката „Ѕвезден часовник“, таа микроскопија се претвора во цела капиларна густа поетска мрежа симболи, мрежа која подразбира енциклопедиски космолошки код, во кој личното, персоналното и национато стануваат пеење за сѐ, за Големото Едно по кое копнееја и романтичарите и симболистите, и сите големи поети низ историјата на стихот.
Конечно, комисијата ја донесе и следнава едногласна одлука.

Наградата „Антев часовник“, симболично наречена така за оние чие златно поетско време допрва доаѓа, ја доби младата Марија Филипова за книгата „Твоите далги на брегот на Стикс“.

Седумнаесетгодишната поетеса Марија Филипова, во конкуренција на исто така сјајните поетски остварувања Круг на права линија на младите Софија Тодороска и Мечти на Мартина Даниловска, се издвои со својот исклучително зрел поетски стил, во кој на еден постмодерен интертекстуален начин се бара допирната точка меѓу митолошкиот цивилизациски слој и најдлабокото, интимно и психолошко искуство на поетското „јас“. Станува збор за поетеса-вундеркинд, чие ѕвездено поетско време допрва доаѓа.

Комисијата годинава имаше исклучително тешка задача, зашто од пристигнатите 69 ракописи, повеќе од половината заслужуваа висок поетски третман. За жал, поради воспоставените пропозиции за бројот и карактерот на наградите, Комисијата не можеше да ги награди сите оние кои тоа го заслужуваат. И Комисијата и Манифестацијата се горди што името на Анте Поповски и годинава го чествуваа огромен број поети од сите генерации и меридијани, и му одадоа почит на великанот Поповски, со самиот чин на учество на Конкурсот. На сите нив – огромна благодарност и желба за иден поетски растеж.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.