Иван Босиљчиќ синоќа на сцената на Долни Сарај со настапот „Наша вечер во Охрид“ донесе нова програма, специјално составена за долго очекуваната средба со публиката на фестивалот „Охридско лето“.

Публиката имаше можност да ги чуе стиховите на Бодлер, Есенин, Блаже Конески, Анте Поповски, Блаже Конески, Алекса Шантиќ, Милан Ракиќ, кои беа обоени со гитарската вибрација на фадо-звукот, ориентот и класичните ноти во изведба на пофесорот по класична гитара и композитор Горан Ковачиќ, како и маестро Зоран Стојановиќ кој веќе три децении живее во Португалија од каде со себе го носи искуството од настапите и соработките со ѕвездата на фадо музиката Дулче Понтес.

По 15 години повторно сум во Охрид. Мојот прв настап во главна улога беше овде на Античкиот театар кога исто вака гостувавме на „Охридско лето“ и затоа овој фестивал има големо значење за мене, рече Босиљчиќ.

Повеќе од една деценија Босиљчиќ, покрај богатата театарска и интернационална филмска кариера е посветен на изведбата на авторски поетски проекти. Како голем почитувач на српската и светска литература, тој креира и изведува интимни театарски исповеди, раскажани низ стиховите на големите поети. Со голем успех неговите претстави се изведувани во голем број театри и концертни сали низ целиот балкански регион- почнувајќи од белградскиот Дом на синдикати и операта „Мадленијанум“, преку Македонската опера и балет и Универзална сала во Скопје, Новосатскиот национален театар и многу други, а успешно се претставува и во: Австрија, Шведска, Швајцарија, Норвешка, Исланд и во Канада.

Оваа книжевна вечер која е драмски проект одлично се вклопува во класичната боја на селекцијата. Иако е книжевна, луѓето мислат ќе има едноличен ритам, без големи емотивни скокови, но нашата вечер во Охрид беше потполно спротивно од тоа. Таа ја носеше возбудата на драмската претстава и квалитетот на концерт со класична музика, додава големиот театарски и филмски актер Иван Босиљчиќ.

 

 

Ваквите проекти се извонредно прифатени од страна на публиката во регионот. Јас веќе една деценија ги правам овие авторски програми  каде ги потсетувам луѓето дека сѐ уште постои поезијата и оти поезијата и тоа како е вибрантна во ова време на прегласна музика каде е тешко да се вратите повторно. Она што е специфично за оваа програма е тоа што публиката секогаш се враќа назад. Во публика гледам исти лица. Луѓето доаѓаат во Белград од целиот регион, и знам дека и луѓе од Србија беа на „Охридско лето“. Патувавме до Исланд и таму најдовме наши луѓе. Правевме големи турнеи низ Канада и Европа и секогаш ни доаѓаше  публика што реагираше бурно и емотивно. Постојано слушаме критики како ова време во кое живееме е тешко затоа што нема содржини. Содржини има, а нам уметниците ни останува дали ќе им ги понудиме на луѓето, вели драмскиот уметник и актер Босиљчиќ.

Возбудата што ја носат  неговите претстави е уникатен спој на драмска претстава и концерт, форма која е посебна и ретко видена на нашите простори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.