Славица Купенкова е стрип цртач, автор и илустратор на детски книги и списанија. Цртежот и илустрацијата отсекогаш биле присутни во нејзиниот живот. Почнала да илустрира од 2020 година и решила да се занимава со својата новооткриена страст како кариера. Соработувала со повеќе издавачи, а моментално е актуелна со награден стрип на мултимедијалната изложба CAN FOR BALKANS. Разговаравме со Славица за почетоците во нејзината професионална кариера како илустратор.

Како ја започнавте кариерата во илустрација на книги за деца?

Најпрво, за да започнете кариера како илустратор, потребно е да имате желба и фантазија и да умеете да дадете облик на приказна што ќе ги инспирира младите читатели. Започнувањето кариера во илустрацијата може да биде многу тешка и напорна задача, мора да имате многу трпение и енергија, да имате увид во индустријата на илустрација и да создадете разиграно портфолио кое ќе го споделите со уредниците и уметничките директори. Јас ја започнав својата кариера со учество на тематски конкурс, после кој ми беше понуден работен ангажман.

Кои се вашите извори на инспирација при изработка на илустрација за книга за деца?

Најпрво, ги развивам ликовите во приказната, особено главниот лик, а потоа и приказната. Следно, цртам неколку груби скици кои формираат приказна. Зависно од приказната и нејзината публика, додавам различни дигитални четки и ја формирам илустрацијата. Притоа особено размислувам за интересни пози, црти на лицето, модни стилови и парчиња облека што би можеле да одговараат на ликот во илустрацијата. Сите овие работи во текот на работењето ми помагаат да ја изградам својата идеја и ја поттикнуваат мојата креативност.

Дали го споделувате начинот на кој ги формирате вашите илустрации?

Да, често пати давам совети на сите што ги интересира и привлекува илустрацијата, како и на илустратори кои се заинтересирани за градење на нивните кариери.

Како изгледа процесот на градење на илустрација?

Лично јас, го оптимизирам својот работен тек така што ги разгледувам и одбирам потребните алатки за дојдам до приказната и ликовите. Особено давам значење на гестовите, јазикот на телото и пропорциите. За поголема разновидност, секогаш се обидувам да направам повеќе скици со различни форми и воопшто да експериментирам со различни идеи во еден ист опис.

Што е она што моментално го усовршувате во илустрацијата?

Бидејќи на традиционален начин, цртав долго време со јаглен, истражувам повеќе во областа на пријатна комбинација на бои. Вистинскиот избор на бои може да ни помогне да опишеме одредено расположение за гледачот и читателот. Боите не се секогаш онакви какви што ние ги перципираме. Некои се комплементарни, додека некои бои не одат добро заедно ако се спојат во уметничко дело или дизајн. Затоа дизајнирам многу различни шеми на бои за кои сметам дека ќе одговараат на илустрацијата која ја изработувам.

Дали се препорачува одредено искуство со илустрација?

Покрај тоа што е потребно знаење за алатки за цртање и пристап до соодветен програм, прекрасно е кога имате искуство во работата бидејќи сте научиле многу вредни лекции по патот. Само детално и со многу работа се создава успешна илустрација.

 

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.