Во Кинотека почна 25-тото јубилејно издание на „Скопје филм фестивал“. На отворањето имаше изложба на плакати од изминативе 25 години на фестивалот, чиишто автори беа истакнати македонски уметници како Ване Костуранов (2013), Зоран Кардула (2020), Ѓорѓи Деспотов (2018), Таби Азири (2014, 2016), Мери Бакалова (2015), Бојан Кртолица (2012), Димитар Апостолов (2011), Јана Мишева (2009), Филип Кондовски (1999) и други.

Публиката имаше можност да го види извонредниот годинашен кански победник „Триаголнник на тагата“ на режисерот Рубен Остлунд. Уште една проекција на филмот ќе се одржи во четврток (15 септември) во 22 часот.

Во Кинотека вечерва продолжува фестивалската програма со филмот „Вози ја мојата кола“ во режија на Рјусуке Хамагучи, според кратката приказна на Харуки Мураками од збирката „Мажи без жени“. Се работи за патувачки филм зчија тема е љубовта, загубата, прифаќањето и мирот.

Филмот е добитник е на наградата за најдобро сценарио и на наградата „Фипресци“ на Канскиот филмски фестивал во 2021 г. и на Оскар за најдобар странски филм во 2022 г.

В недела публиката ќе може да ги погледне филмовите „Корсет“ и „Римини“ во Кинотеката. Филмот „Корсет“ на режисерката Мари Кројц ја прикажува царицата Елизабета од Австрија (Сиси) која е на турнеја низ Европа и се обидува буквално и фигуративно да се ослободи од својот ограничувачки живот на кралскиот двор.

„Римини“ е дел од програмата „Авторски филм“ и е новата мрачна и комична драма, долгоочекуваното враќање кон играниот филм на познатиот режисер Улрих Сајдл. Филмот имаше премиера во главната програма на фестивлот во Берлин.

Во кафе киното „Котур“, со почеток од 19 часот, во рамки на програмата „Кинемода“ ќе се прикаже документарниот филм „Мартин Магиела. Со свои зборови“, кој претставува портрет на славниот дизајнер кого модниот свет го смета за еден од најреволуционерните и највлијателни дизајнери во последните 30 години. По проекцијата ќе се одржи и разговор на Кристина Глигоровска, модна теоретичарка и главна уредничка на познатото модно списание „WeAr“ со гостинката Александра Оленска, модна стилистка и креативна консултантка за модни брендови „Tom Ford“, „Celine“, „Daks London“, „Pringle of Scotland“, и „Vanessa Bruno“ .

Деталниот распоред на програмата може да се погледне на www.skopjefilmfestival.com.mk.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.