Писателот Блаже Миневски до нашата редакција ја испрати реакцијата по повод одлуката на Министерството за култура во годинашната програма за издаваштво  да не  биде поддржан за објавување мојот роман за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче.

Во продолжение ја пренесуваме реакцијата во целост.

Во списокот со прифатени книги на конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2023 година го нема мојот роман „Ако се родат некакви чувства“. Македонското министерството за култура, предводено од Бисера Костадиновска – Стојчевска, одби да ја поддржи приказната за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче од политички причини. Во овој момент, пред да се достави официјалното решение за одбивање на романот до издавачката куќа „Матица македонска“ од Скопје, а тоа секако ќе биде „покриено“ со „аргументот“ дека предложеното дело не е од „национален интерес“, јас не гледам друга освен политичка причина за тоа. Прво, затоа што романот не е  прочитан за да биде одбиен од „естетски причини“, и второ, авторот не е анонимен, ги има добиени сите книжевни награди во Македонија, неговите романи и раскази се преведени на дваесеттина странски јазици а тоа според пропозициите на конкурсот за финансиска поддршка на дела од национален интерес е предност а не хендикеп.

Како што се гледа од веќе објавениот список на Министерството, врвни дела од национален интерес се романот за гробот на Тосун-бег, збирката анегдоти од тетовското планинско подрачје, потоа двете книги за албанските носиите во кичевско, книгата за село Чалјане како составен дел на Дрвен,  книгата со наслов “Сребреница, 25 години болка“, дело од национален интерес може да биде и монографија за село Свиларе, книга со наслов „Продавница за чудни миленичиња“, може и цел том истражување за влијанието на  социјалните мрежи во културата на младите, може и книга со наслов „Спекулумот на лудата жена“, може и книга за употребата на  јазиците кај националните телевизии во Македонија и таканатаму, но не може роман за љубовта на  Гоце Делчев и Јанка Каневче! Ќе видиме какво ќе биде официјалното, писмено образложение, но јавноста веќе добро знае што се случи последниве неколку години со македонскиот идентитет а сега и со личноста и делото на Гоце Делчев. Ќе оставиме за тоа да се каже нешто повеќе кога ќе го добиеме решението со „правното“ образложение на одлуката, потпишано од госпоѓата министерка.

Во оваа прилика со моите читатели, но и со пошироката јавност би сакал да споделам неколку факти во врска со процесот на работа на ова мое најново прозно дело. На романот работев, се подготвував и го пишував полни дваесет години. Во тој период истражував во архиви, собирав документи, разговарав со потомци на Јанка Каневче, вереницата или, поточно, љубовницата на Гоце, документарно и авторски ги реконструирав нивните средби, интимните чувства, нивните планови, копнежи и соништа. Во романот како прилог се објавуваат ексклузивни, интимни записи, непознати документи, писма на Јанка до Гоце, факсимили од нејзиниот дневник, досега необјавени фотографии  од потомците на Јанка од бракот со Михаил Герџиков. Притоа романот во основа го поставува прашањето дали може да се биде среќен без чувства? Големата љубовна афера меѓу Гоце и Јанка започнала кога таа имала дваесет и две а тој дваесет и осум години, и траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на  Герџиков, ако тој загине, Јанка да се омажи за него, но само „ако се родат некакви чувства“. Гоце знаел дека нема среќа без емоции или, поточно, додека има чувства, има и среќа. Во основа, станува збор за љубовен роман од околу 500 страници, со многу емоции и пресврти, со поетски набој, сo лирски развиена фабулација и постмодернистичка наративна структура.

На крајот, парадоксално но вистинито, искрено сакам да  им се заблагодарам на оние што го одбија романот за одличната реклама. Во изминатите неколку дена веста за одбивањето на романот за Гоце и Јанка се прошири на социјалните мрежи, реагираа поединци и здруженија од земјата и од странство, а според најава од „Матица македонска“ денес ќе биде објавен и повик за претплата и ќе почне кампања за печатење на романот во што поголем тираж. Како што сум информиран од издавачот, книгата ќе стигне до секој што има почит кон Гоце, доверба во мене како автор и во „Матица“ како издавач. Романот ќе излезе од печат во април а ќе биде промовиран на  4 мај, денот кога Гоце пред 120 години беше предаден и убиен во Баница!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.