Со доделувањето на наградите и македонска премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски, синоќа во Скопје се затвори 22. издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ чиј организатор е Младински културен центар (МКЦ).
Благодарам на екипата со која го снимавме филмот и благодарам на „Синедејс“ што ја овозможија оваа магична проекција. Се надевам дека ќе продолжиме да ве забавуваме и понатаму, со нови филмови и со нови проекти, рече режисерот Цветановски по проекцијата во паркот зад МКЦ каде што во изминатите шест дена се одржуваше Фестивалот.
„Бизнисот на задоволството“ е прв долгометражен филм на Цветановски, а светската премиера беше во Софија, каде беше прогласен за најдобар филм на фестивалот „In the Palace“.
Филмот се снимаше за време на пандемијата на ковид-19. Играат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“, првпат е кинематографер на долгометражен игран филм. Продуценти се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Приказната следи новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола. Филмот ја третира темата на трговија со жени, од гледна точка на главните ликови кои се обидуваат да ја раскринкаат криминалната мрежа.
Годинашното издание на „Синедејс“ се одржа по слоганот „Муви најт “, со врвни филмски остварувања и македонски премиери, но со намален буџет и намалени простори за проекција на филмовите.
Повеќе од 5.000 вљубеници на европскиот филм, беа присутни на проекциите на филмовите.
Имавме уште едно одлично издание на фестивалот на кое сме горди, особено заради условите во кое го реализиравме. Сублимирано ќе споделам дека ние сме вистински светски фестивал, кој има ексклузивни Кански премиери, врвни европски гости, публика која не доаѓа само на филмови, туку учествува активно на работилниците и дебатите и професионалци филмаџии кои жедно учат и стануваат конкурентни на европскиот пазар. Нашите потенцијали се големи и како продуценти на овој фестивал, но и како јадро околу кое гравитираат вистински европски вредности“ – изјави Маргарита Арсова, координаторка на „Синедејс“.
Годинешните награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба ги доделуваше жири во состав: Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума- режисерка и Ереник Бекири – режисер.
Добитник на „Златна ѕвезда“ за најдобар филм е „Обичните“ на Софи Линенбаум, „Сребрена ѕвезда“ за најдобра режија доби „Тајмаут“ на Ев Душман, а добитник на „Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио е „Обичните“ на Софи Линенбаум и Михаел Фетер Натанаски. Специјално признание за најдобра изведба за „Матријархат“ на Марија Васкез.
Добитник во SEE (South Eastern Europa) селекција е „Златно сонце“ за најдобар филм за „Шоља кафе и нови чевли“ на Гентиан Кочи.
На фестивалот беа доделени и наградите во двете фестивалски програми: Официјална селекција и SEE (South Eastern Europa) селекција и нив ги доделуваше жирито на филмската критика во состав: Влатко Галевски, претседател и Стојан Синадинов и Тони Цифровски, членови.
Истакнувајќи ја исклучително квалитетната годинашната програмска селекција во официјалната натпреварувачка категорија, жирито едногласно донесе одлука, Наградата на филмската критика да му биде доделена на унгарскиот филм „Лери“ на сценаристот и режисер Шилард Бернат.
Во програмата филмови од Југоисточна Европа во која доминираа личните судбини на протагонистите, за најдобар филм жирито едногласно го прогласи албанскиот филм „Шоља кафе и нови чевли“ на сценаристот и режисер Гентиан Кочи.
„Синедејс“ се отвори со македонска премиера на „М“ на Вардан Тозија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.