По повод Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите – 18 Април, министерката за култура Ирена Стефоска престојуваше во Битола, каде посети неколку значајни културно-историски добра, меѓу кои Ислахането, Спомен-куќата на народниот херој Стеван Наумов – Стив и Мехмед Ефенди – Јени џамија.

Министерката Стефоска, заедно со директорката на Заводот за заштита на спомениците и музеј – Битола, Мери Стојанова, посетата ја започна пред Ислахането, објект од световeн карактер изграден кон крајот на 19 век, кое е, всушност, училиште за занаети и уметности од османлискиот период.

Во врска со годинешната меѓународната тема за одбележување на 18-ти Април, „Комплексно минато: Разновидна иднина“, министерката Стефоска рече дека со чествувањето на овој ден, ние му оддаваме почит и на нашето огромно културно добро, но не само за да се потсетиме дека го имаме во изобилие, туку и да нè потсети дека мораме да го сочуваме и покрај сите предизвици.

Затоа, сакам да соопштам дека Завод и музеј – Битола, Ислахането го става во списокот на објекти под привремена заштита. Дефинирањето на режимот на негова заштита ќе зависи од ревалоризацијата на објектот, која е во тек, рече Стефоска.

Министерката Стефоска потсети дека битолското Ислахане, заедно со солунското, се последните два сочувани објекти од ваков тип на Балканот, од изградените седум. Ислаханите имале исклучителна улога – да ги вдомат напуштените деца, сирачињата, давајќи им занает, а многу од нив израснале во почитувани луѓе.

За жал, војните, времето и негрижата се отсликани и на овој објект – Ислахане, што во буквален превод од турски значи – добро место. Такво мора и да остане, зашто, културното наследство е местото каде што се сретнуваат минатото и иднината, а неговата заштита е во сегашноста“, рече министерката Стефоска и додаде: „За Владата, а со тоа и за Министерството за култура, заштитата на културното наследство е аманет и мисија за грижа на културните идентитети на сите граѓани и на културната меморија на сите нас“.

На одбележувањето на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, министерката Стефоска потсети дека за остварување на приоритетите во заштитата на културното наследство, Министерството за култура креираше посебна Наменска програма за културно наследство во опасност, која ќе овозможи поефикасна заштита на загрозените културни добра.

Со оглед на тоа што битолското Ислахане е во приватна сопственост, а преку Завод и музеј – Битола, како надлежна институција се става на списокот на објекти под привремена заштита, Стефоска порача: „Онаму каде што пишува –„Објектот се продава“, нека се допише –„Објектот е заштитен“.

Директорката Стојанова, пак, додаде дека активностите кои ги реализира институцијата се во однос на зачувување на културното наследство и дека од тој аспект Ислахането како објект одамна е евидентиран и претставува интегрален дел на Секторската студија која се однесува на културно-историското наследство на Битола.

Министерката за култура Стефоска, заедно со директорката на Завод и музеј – Битола, Мери Стојанова и со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ја посети и Мехмед Ефенди – Јени џамијата.

На овој значаен споменик од културата продолжуваат повеќегодишните археолошки истражувања во дворот, каде и со преходните истажувања на теренот беше утврдено постоење на црковни објекти под темелите на џамијата. Градоначалничката Петровска посочи дека е изработен проект за конзервација и презентација на дел од археолошките откритија, кои понатаму е предвидено да останат достапни за јавноста. Со средства на Министерството за култура и годинава продолжува и реализацијата на конзерваторски проект за конзервација и реставрација на ентериерот на објектот.

Министерката Стефоска ја посети и родната куќа на народниот херој, Стеван Наумов–Стив, каде, како што беше нагласено, во изминатите неколку години во континуитет се преземаат зафати за комплетно обновување на објектот. Беше посочено дека за годинава се планираат зафати на објектот што зависи од динамиката и приоритетите кои ќе ги утврдат надлежните служби во Завод и Музеј Битола – известија од Министерството за култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.