На малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) в понеделник, на 25 ноември во 20 часот премиерно ќе биде поставена претставата „Најкратки драми на светот“, работена според истоимената збирка кратки пиеси на театрологот Јован Ќирилов издадена пред 20 години, а во режија на Трајче Ѓеоргиев.

Долгогодишната соработка на режисерот и актер Георгиев и актерката Снежана Конеска Руси се заокружува токму со оваа претстава, со која актерката официјално заминува во пензија.

Радосна сум бидејќи ја користам реченицата на Нина во „Галеб“ што сум ја играла во 1991 година, дека сето она што го правиме во животот, во работата која ја работиме, сфаќаме дека не е главна веќе славата, блесокот за она што сте копнееле во минатите години, туку напротив, дека е важно и битно да умеете да го носите својот крст, да ги почувствувате и да ги надминете болката, страдањата, така и да верувате во себе, вели во интервју за „Република“ Конеска Руси или како што сите ја познаваат Снешка, кој зад себе има генерации деца, родители, актери и студенти на Академијата за театар.

Актерот никогаш не оди во пензија, туку игра на сцената до последен здив. Конеска Руси од 1978 година е вработена во МНТ, а претходно шест години била во Македонската радио телевизија каде работела како спикер и презентар на Македонското радио.

Од МНТ имам најубави спомени. Не се забораваат и телевизиските настапи за секоја наша премиера или за секое издание на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп каде што цела репортажна телевизиска екипа гостувала и ги пренесувала и претставите и разговорите и се она што се случувало на Фестивалот. Тоа денес е неостварливо, за жал, вели Конеска Руси.

Таа се потсеќа и за годините поминати во МРТ.

Поминав шест години во Македонската радио телевизија како водител, соработник, презентер, а потоа преминав во театарот. Јас сум од класата на Владимир Милчин и Љубиша Георгиевски, тие беа моите професори. Сличности во работата наоѓам и кај режисерот Трајче Георгиев. И тој почнал кај Милчин, потоа продолжил кај Слободан Унковски и на крај завршил кај Георгиевски. Ако нам, на другите актери, ни недостастува нешто од стилот на Унковски, кај Георгиев го има тоа, објаснува Конеска Руси за своето искуство со македонските режисери.

Признава дека на актерите најтешко им е да се насмеат.

Ние актерите тешко се смееме. И кога работиме и на претстава тешко оди тој дел. Но, кога работите со Трајче, мора да се насмеете. Кај него има некоја духовитост и во разговорот и во настапот, дури и во режерскиот сценскиот концепт. Пробите со Георгиев како режисер ни беа најрадосни.

Покрај  Конески Руси, во претставата играат и Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски, кои во понеделник на малата сцена во МНТ ќе ги оживеат „минијатурите“ пиеси на Муза Павлова, Шпиро, Каринти, Фридман и Чехов, кои од својата неконцизна основа го повикуваат хуморот како спас од вртлогот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата. Конеска Руси објаснува за ликовите кои ги толкува во претставата.

Според мојата шминка, веројатно ќе може да претпоставите што би се играло во претставата. Но, ова се најкратни драми на светот. Тоа значи дека ќе имаме девет драми на сцената и актерите ќе се претстават во девет различни изданија. Како што животот е брз, така и една од драмите е насловена како „Брза брзина“. Сè се одвива во временски период од три минути, пет минути до десет минути. Така како што живееме, така и работиме. Со нашиот режисер Георгиев, со кој заедно специјализиравме во Софија, се обидовме да направиме ден животен круг на актерите низ овие девет драми. Ако тие се викаат најкратки драми на светот, за нас ова беа најкратките проби во театарот и ние актерите ненавикнати викавме: ‘Ајде Трајче, направи подолга проби, сакаме уште да работиме’. Меѓутоа, тој точно нè водеше во својот филм. Едноставно, претставата е дури и филмски сработена, не само театарски. Во овие девет драмички секој актер игра одредена задача, ние преминуваме од лик во лик за многу кратко време. Јас чувствувам дека мене целиот живот ми протекол во тој еден час. Трајче, како режисер, сметајќи дека Снешка одбележува значаен јубилеј, 45 години уметничка дејност, направил интересен старт на претставата, како ја внесуваш публиката во театар, како живееш во текот на сите претстави со различни режисери, со различни стилови, жанрови и на крајот се сведуваш дека се затвора кругот – и животен и театарски, вели Конеска Руси.

Нејзе отсекогаш ја имало на сцената, во тв-серии, има искуство и како режисер, работи драматизации, организира алтернативни фестивали, работи претстави за деца, надсинхронизации, го позајмувате гласот во серии за деца….

 

Ако веруваш во себе, сè ќе можеш, ако го испланираш денот, секаде ќе стигнеш. Јас го сакам тоа што го работам. Уште соработувам со „Ејџ-би-о“, „Минимакс“, надсинхронизација на филмови за деца. Од Њујорк добив да бидам каст-директор на „Штрумфови“ преведени на македонски јазик. Се радувам на тие моменти и таа соработка продолжува. Веќе шест години последните три дена од ноември во МНТ ќе се прикажува драмскиот меѓународен инклузивен фестивал за лица со хендикеп „Игри без маска“ – театар без дискриминација каде што работам со деца со посебни потреби од сите градови во Македонија. Нивните претстави ќе се изведуваат на нашата сцена, во МНТ.

Конеска Руси говори и за тоа кој и бил најдраг партнер сиве овие години.

Ние не го бираме партнерот, режисерот ја прави поделбата и во секоја претстава ти можеш да имаш друг партнер. Но, јас ќе нагласам неколку, во смисла што оставиле впечаток кај секого од нас. Првиот партнер ми беше Кирил Андоновски во претставата „Ѕидот водата“ каде што доживеавме многу интересни моменти на играњето на претставата на „Охридско лето“. На љубовната сцена ни долета пеперутка. Тоа да сакате да го направите во театар, не можете. Со Кирил продолживме да соработуваме во многу претстави. Со Благој Чоревски од Драмски театар исто така имаме убави спомени. Незаборавна е нашата игра во „Црвенкапа“. Со него ми е убаво, бидејќи тој знае многу добро да импровизира. Мене тогаш првпат ми се пружи шанса и јас покрај него да импровизирам. Со Ѓорѓи Тодоровски Трупче исто така од Драмски имавме голема соработка во сите претстави за деца, во сите новогодишни претстави…Едноставно некогаш ви треба човек кој сака да ги насмее децата. Токму тројцата, Кире, Чоре и Тручпе ќе бидат дел од претставата која ја работиме со децата со посебни потреби, еден вид омаж, вели таа.

Но, денес е друго време од она во кое таа почнувала да ја гради својата актерска кариера.

Сите ќе кажуваат за своето време дека е убаво, но јас сега говорам дека доаѓа најтешкото време затоа што младите актери, кој допрва доаѓаат и треба да ја освојат сцената, се фрлени одеднаш. Нема подготовка, како што правеа нашите професори на времето вметнување, вклопување во ансамблот на одредена куќа уште како студенти. Владе Милчин успеа нас да нè вметне, цела наша генерација уште како студенти, да играме во претставите во МНТ. Тоа помага во однос на искуството за да може потоа да се определите. Режисерите имаат свој концепт, а тоа и јас подоцна како режисер го увидов, веднаш ги ставаш актерите во одредена шема, еден шаблон, а актерот е способен да одигра повеќе работи. Но, никој нема време за експеримент, секој сака готов резултат. Затоа велам дека младите актери ќе имаат тешка работа, вели Конеска Руси.

Таа ја потенцира приликата што ја имале актерите во тоа време, соработката со многу странски режисери.

И ако не си во поделба, можеш самиот да побараш алтернација, да се докажеш или да не се докажеш. Да видиш до кај ти се силите, до каде можеш да одиш. Сега, тоа како принцип, со години не постои. Алтернацијата е заборавена. А таа беше добредојдена. Мјузиклот „Свирач на покрив“ го паметам со две задачи – едната редовна и едната каде што морав да упаднам. И знаејќи го проектот, упаѓаш најнормално. Тој дел недостасува и мислам дека тие сами ќе мора да се изборат за тоа. Наши ментори во тоа време ни беа професорите, вели Снешка.

Поради професионални обврски таа ги следеше сите аматерски театарски групи низ Македонија, бидејќи во еден период во Кочани беше селектор и уметнички раководител.

Знам дека некои наши режисери од МКЦ денес се режисери во МНТ, во Театарот за деца и младинци. Ние во Кочани, на Драмскиот аматерски фестивал ги откривме. Многу е важно да им се отвори вратата, вели Конеска Руси.

Од долгиот работен век, Конеска Руси ја издвојува оваа анегодта со режисерот Рахим Бурхан.

Во 1991 година Рахим Бурхан, основачот на Театарот на Ромите „Пралипе“, режира во МНТ. Ја собира екипата и познато е кој ќе ги игра двата главни лика – Владимир Светиев и Петар Темелковски. Другите ликови не се знае кој ќе ги игра. Пробуваме неколку дена. И на крај Бурхан вели: Снешка ќе ја игра старата кралица Маргарита. Шок! И за мене, ама и за другите актери. Па таа е најмала, како ќе ја игра, коментираа колегите. Јас почнав да се преиспитувам, да се прашувам што е ова? И тогаш тој ми ја кажа реченицата: Заборави дека си дете и дека играш претстави за деца. И така, си продолживме со проби за претставата. Но, кога нашите вработени од шминкерна и од фризерна, но и испициентот Раде Мадиќ ги гледаа пробите беа многу задоволни, а Раде уште пред премиерата рече: Снешка, ти добиваш награда на „Војдан Чернодрински“! А јас му велам: Остави ме, не треба да бидам дете, само тоа си повторував во себе. И одиме на „Чернодрински“ и јас ја добивам наградата за најдобро актерство остварување за Маргарита во „Ричард Трети“. Затоа го одделувам Бурхан, кој веројатно откри некоја друга жица кај мене која понатаму продолжи да се развива. Затоа сум благодарна на таа соработка. Кај него, во театарот ја играв Еѓупката, главната улога меѓу Ромите, завршува Конески Руси.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.