Друштвото на ликовни уметници на Македонија во соработка со Министерството за култура, денеска ја отворија изложбата „Поместени граници“ во дворот на Министерството, со што се одбележа 15.април – Светскиот ден на уметноста.

Светскиот ден на уметноста, 15 април, всушност е родениот ден на неповторливиот, генијалниот Леонардо да Винчи. Неговите дела го направија бесмртен, а неговата оставина е светско богатство, истакнува министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во својата порака.

На 570-годишнината од неговото раѓање, повторно ја повикуваме на помош магијата на уметноста. Да нè избави, барем за миг, од вестите во кои луѓето се или бројки или само иницијали.

Живееме во чудни, во тешки и непредвидливи времиња. Уметноста повторно има тешка и одговорна задача – да ни помогне да останеме луѓе, да нè опомене дека сме создадени за добро и да го пробуди најдоброто во нас.

Бездните на животот и онака се длабоки. Наместо да копаме во нив, ние треба да изградиме мост над нив. Уметноста е секогаш НАД и секогаш ИН.

Така ја доживувам и оваа  6-та изложба на ДЛУМ по повод Светскиот ден на уметноста востановен пред 11 години. Ви благодарам што ги поместувате границите, ви благодарам што сте во хармонија со просторот и што му давате боја на ова сивило.

Нашите животи почнуваат како празно, бело платно. Од дарбата на човека зависи дали тоа ќе стане уметност или отпечаток.

Врамувањетo доаѓа на крајот. Но, рамката, за разлика од животот, во уметноста не значи крај. Напротив.

Ви благодарам за ова задоволство!

 

Овогодишното издание на годишната изложба на ДЛУМ ,,Поместени граници” ја има можноста на користење на  отворениот простор-паркот на Министерството за култура и со тоа се вклучува во заедничко празнувањето на овој светски датум на Уметноста.

Денеска го одбележуваме светскиот ден на уметноста со претставување на изложбата „Поместени граници“ во сорабтока со Министерството за култура. Оваа година изложбата ја поставиваме во Министерството за култура и на тој начин ја продвиживме уметноста до минувачите до пошироката публика. Ова е шесто издание на „Поместени граници“ и е тематска изложба која има за концепт промовирање на мултумедијални проекти или традиционални техники со кои се експериментира на нов начин. „Поместени граници“ како тема не значи само географско поместување, границите се во секој од нас, со предрасудите, ставовите, нашите чувства и мисли. Уметноста е таа која ги поместува границите, која не зближува без разлика од каде потекнуваме, на која религија и припаѓаме или на која јазик зборуваме. Може да се каже дека уметноста е движење со кое се внесува светлина во нашите животи, позитивни вибрации, љубов кон ближниот, хармонија со природата и целиот универзум, истакна Марија Светиева на денешното отворање на изложбата „Поместени граници“.

На изложбата со свои дела се претставени осум уметници: Марија Светиева, Ненад Тонкин, Ива Станковска, Дарко Базерко, Ана Трајковска, Јана Јакимовска, Славчо Максимовски и Ана Ивановска.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.