Како и секој ребаланс кој се случува во ова време од годината, кратење во културата ќе има, но морам да напоменам дека најпрво тоа ќе бидат најнепродуктивни трошоци, односно оние трошоци без кои ќе можеме да преживееме до крајот на годината. Ние самите, во Министерството за култура веќе направивме одредени кратења, за да не трпат оние културни манифестации кои се финансираат преку Годишната програма. Значи кратење има секаде, и во Министерството за култура, но и ќе следат кратења од оние други финансирања кои ние како Министерство ги имаме на располагање. Сепак, јас се надевам дека нема да се одрази на културните настани кои се предвидени, меѓутоа имајќи предвид дека како што напомена министерот за финансии, овие кратења се за да се задржат високите плати и да можеме да ги одржиме примањата на граѓаните во ова време на криза. Капиталните инвестиции засега остануваат така, бидејќи треба да вложуваме истовремено и во повисоки плати, но и во објекти на културата каде уметниците треба непречено да функционираат, рече меѓу другото министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите.

Во поглед на Стратегијата за културно наследство, Костадиновска Стојчевска вели дека нема проблеми во донесувањето.

Законските решенија кои ги затекнав беа или заглавени во Собрание или се во процедура и ќе бидат пратени до Влада, па потоа до Собрание. Она што сега ни следи е Стратегија за култура. Сите досегашни стратегии можат да се ревидираат, на некои и рокот им е изминат и сега мораме да се прилагодиме на она што сега се случува во културата. Во изработката на Стратегијата за култура и сите документи кои треба да ја регулираат и водат културата ќе биде вклучена и независната сцена, „Аудиција сега“, сите засегнати ќе добијат право да бидат вклучени бидејќи треба да бидат опфатени сите, рече Костадиновска-Стојчевска.

Посочи дека контролата на проектите кои се финансираат од Годишната програма, ќе се врши откако ќе бидат исплатени првите сретства и по извесен период ќе се проверува дали се реализирано проектите и она што не се реализирано да може да се пренасочи на друг проект каде што има потреба од дополнителни трошоци.

На новинарско прашање за проблемите околу работењето на директорот на Ансамблот на Албански ора и песни во Македонија, Костадиновска-Стојчевска потенцира дека за да постапи инспекција мора да има пријава.

За ние да постапиме мора да има пријава, а во последниве неколку месеци нема такво нешто. Она што било констатирано како неправилност од досегашните инспекциски било санкционирано. Што се однесува до образовните квалификации, постапката предвидува при изборот, тогашната министерка формирала комисија и членовите утврдиле дека кандидатот ги исполнува условите и тој бил избран. Сега, директорот е среде мандат или на крај на мандатот и јас неможам да направам таков упад  без никаква причина. Но, кога директорот би бил на повторен реизбор, јас како министер сум должна да формирам комисија и таа е должна да ги разгледа документите и да оцени дали се соодветни, рече Костадиновска Стојчевска.

За соработката со Бугарија информираше дека на последната средба  бил потпишан договор за култура и истиот тече бидејќи постојат проекти кои се реализираат од претходно, а сега само ги ставивме на хартија во смисла гостувања на театари, концерти, активно работи нашиот културен центар во Софија, а исто и во Македонија.

Министерката ќе биде дел од владината делегација која ќе патува во Вашингтон.

Ќе се обрне внимание на процесот на зголемување на соработката и помош во областа на заштитата на културното наследство. Во моментов сме во крајна фаза на реституција на украдени икони, кои се пронајдени во Албанија и во таа смисла ќе ја продлабочиме соработката и алатките за унапредување на заштитата на културно наследство. Исто така престојот во Вашингтон ќе биде искористен и за отворање на соработка со американски фондови кои ќе им бидат достапни на културните институции. Знаеме дека преку американски фондови се финансираше реконструкцијата на локалитетот Хераклеа и се надевам дека ваквите фондови и грантови во иднина ќе може и другите институции да ги користат, информираше Бидера Костадиновска Стојчевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.