Алтернативниот њу-вејв состав „Њу Ордер“ се заблагодари за добиената „Награда за животно дело и достигнувања во музиката и филмот“, која им беше врачена од страна на фестивалот „Скопје Синема Сити“. Секое издание на „Скопје Синема Сити“ го отвора филм за одреден артист, на кого му се посветува изданието и му се доделува „Награда за животно дело за заслуги за музиката и филмот“. Овојпат фестивалот во фокус ја стави англиската рок група „Њу ордер“, преку отворањето со филмот „Декади“. Фестивалот ја испрати наградата во Манчестер.

Оваа награда ја изразува нашата почит за музиката на бендот, која практично претставува саундтрак на нашите животи и е нераздвоен дел од современата култура. Нивните песни се совршен спој од срце и душа, исполнети со музички иновации и смело експериментирање. Како резултат на тоа, нивната музика обележала повеќе музички сцени што се појавиле почнувајќи од ’80-тите до денес. Тоа ги прави да се достојни на нашата восхит и почест, вели директорот на фестивалот Ненад Георгиевски.

Фестивалот беше отворен со филмот „Декади“ на режисерот Мајк Кристи во дворот на Кинотека на Македонија и на тој начин им беше одадена посвета на составот.

Наградата за бендот, а и сите визуелни решенија, се дело на Дијана Димитриевска која е долгогодишен соработник на фестивалот.

Со џез вечерта на Скопје Синема Сити и прикажувањето на филмовите „Го викав Морган“ и „Бил Фрисел“ се заврши првиот викенд на Скопје Синема Сити, а следниот е најавен за 2 и 3 октомври во Кинотека на Македонија.

„Скопје Синема Сити“ е во организација на здружението Номад-Арт Скопје. Фестивалот е помогнат од Агенцијата за филм и е организиран во соработка со Кинотека.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.