Балетот при НОБ вечер од 20 часот ќе ја отвори новата сезона 2019/2020 со премиера на претставите „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“ кои се специјално подготвени од унгарскиот кореограф Габор Кевехази по повод 70-годишниот јубилеј на македонскиот балетски ансамбл.

„Валпургиска ноќ“ е дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно и е избрана за овој повод зашто во 1949 година токму со таа премиера во кореографија на Ѓорѓи Македонски се институционализира и почнува развојот на македонскиот балет. Овојпат „Валпургиска ноќ“ е современа постановка од 20-ина минути која ќе биде комбинирана со 50-минутна изведба на „Кармен“ од Жорж Бизе и Родион Шчедрин. Ќе учествуваат првенци солисти и оркестарот на НОБ кој ќе го води диригентката Бисера Чадловска.

Кореографот Кевехази комбинирал различни стилови на движења, сакајќи да презентира чиста, неокласична, сложена технички и возбудлива кореографија за македонската публика.

Сценограф на претставите е Марија Ветероска, а костимограф Марија Пупучевска. Првата реприза на „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“ ќе биде на 8 октомври, кога оркестарот ќе го води диригентот Иван Еминовиќ.

Седумдеценискиот јубилеј на Балетот се чествува во текот на цела 2019-та, а до крајот на годинава се подготвуваат и гала-концерт и изложба.

Работата на Балетот почнала на 27 јануари 1949 со премиера „Валпургиска ноќ“ од операта „Фауст“ на Шарл Гуно. Кореограф бил Ѓорѓи Македонски, основоположник на балетскиот ансамбл, кој една година претходно бил назначен за шеф на балетот на Државната опера во Скопје. Диригент на првата балетска премиера бил Трајко Прокопиев, сценограф Василие Поповиќ-Цицо, костимограф – Милица Бабиќ-Јовановиќ.

На 30 декември 1949 бил изведен и првиот целовечерен балет – „Бахчисарајска фонтана“ од Борис Асафјев, исто така во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во оваа претстава се појавила првата генерација македонски балетски играчи кои во наредните две децении биле главни носители на репертоарот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.