Оркестарот на македонската Филхармонија вечерва, на 20 јануари, во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Ава“, на кој како солистика ќе настапи една од најдобрите саксофонистки во класичната музика – Асја Фатејева од Крим/Германија.

На програмата се Рапсодија за алт-саксофон и оркестар од Клод Дебиси, Концертот за саксофон и оркестар „Талахачи“ од Јакоб Тер Велдхаус кој ќе биде изведен за првпат во Македонија и Симфонија бр.10 од Дмитри Шостакович. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

Асја Фатејева е родена во Керч, на Крим, во 1990 година. На шест години почнала да учи пијано. Саксофонот го открива на 10 години. „Веднаш се вљубив во него, уште кога го слушнав првиот тон“, се сеќава таа. Почнува да го изучува инструментот кај проф. Маргарита Шапошникова на познатиот институт „Гнесин“ во Москва, и магистерски студии завршува во Франција. Во 2004 година се сели со семејството во Германија, каде што го дозавршува своето школување во Келн.

Фатејева настапува како солистка со речиси сите познати светски оркестри, а од 2014 година предава саксофон во Мунстер, Германија. Музичката критика не штеди зборови за оваа исклучителна солистка. Во 2014 година, таа е првата жена која успева да влезе во финалето за престижната награда „Адолф Сакс“ на интернационалниот натпревар во Белгија, на кој го добива третото место.

„Се надевам дека класичниот саксофон ќе успее да го добие заслуженото место на светската музичка сцена“, вели Асја Фатејева. Најголем дел од луѓето кога ќе го слушнат зборот „саксофон“ речиси секогаш го поврзуваат со џез-музиката. Фатејева со своето присуство на светската музичка сцена сака да го измени овој контекст и да докаже дека саксофонот е инструмент кој е присутен и во класичната музика.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.