Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот носи концерт на дрвениот дувачки квинтет „Пилекадоне“ од Бугарија.

Овој квинтет го сочинуваат флејтистката Мила Павлова, обоистот Валентин Методиев, кларинетистот Венелин Пиперов, хорнистот Јасен Теодосиев, како и Евгениј Тонев кој свири на фагот. Го формирале кога биле тинејери пред 25 години.

Секој од уметниците во овој дрвен дувачки квинтет има активна кариера како солист, а сите се членови на елитните бугарски оркестри: Софиска филхармонија, Оркестар на Бугарското радио, Класик ФМ оркестарот.

Ансамблот „Пилекадоне“ е награден со престижната награда „Златна лира“ што ја доделува Сојузот на бугарските музичари и танчери за особени достигнувања во изведувачката уметност. Квинтететот настапува на сите значајни фестивали во Бугарија и надвор од неа, соработува со некои од најпознатите бугарски композитори меѓу кои и номинираната за ГРЕМИ награда, Добринка Табакова, која како и другите композитори, му посветува дела токму на „Пилекадоне“. Нивниот израз ги надминува границите на традиционалниот класичен концертен пристап, честопати преплетувајќи се со нови форми како мултимедија, концептуална уметност, соработка со актери и танчери како и со хорот на „Софиските момчиња“. Една од новите и позначајни соработки е концертното партнерство со светски познатата виолинистка Албена Данаилова која е концерт-мајстор на Виенската филхармонија.

Бугарската национална телевизија на квинтетот „Пилекадоне“ годинава им посвети филмуван концерт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.