Од 5 до 9 август во Струмица, под мотото „Светлините на астерот“, ќе се одржи 17-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.

Лауреат на наградата Астер за животно дело од областа на филмската уметност е легендата на југоисточноевропскиот филм Желимир Жилник, автор на низа култни филмови, меѓу кои и „Рани трудови“ за кој ја доби наградата „Златна мечка“ во Берлин.

На отворањето на 5 август вечерта ќе биде прикажан блок составен од 7 ексклузивни кратки играни филма: македонскиот „Северен пол“ на Марија Апчевска, црногорскиот „Божилак“ на Александар Вујовиќ, австралискиот „Аjкула“ на Наш Еџертон, данскиот „Во мојот ум“ на Мартин Стренџ-Хансен, американскиот „Писмарницата“ на Елвира Линд, иранскиот „Сведок“ на Али Азгари и белгиско-францускиот „Титан“ на Валери Карној.

Втората вечер ќе се прикаже блокот со кратки документарни филмови: полскиот „Балконски концерт“ на Дијана и Кжиштоф Кадлубовски, шкотскиот „Поглед на заливот“ на Даниел Кук, косовскиот „Раселени“ на Самир Карахода, молдавскиот „Вујко ми Тудор“ на Олга Луковницова, како и американскиот оскаровец „Кралицата на кошарката“ на Бен Праудфут.

Третата вечер ќе бидат прикажани анимираните филмови: полско-британскиот „Домашар“ на Ева Смик, чешкиот „Мравкин рид“ на Марек Напрстек, словенечкиот „Стекџилница“ на Шпела Чадеж, бугарскиот „Вљубени черупки“ на Сливен Димитров, мексиканскиот „Тио“ на Хуан Хозе Медина и данскиот „Џелатот дома“ на Мајкл и Ури Кранот.

Четвртата вечер е предвидена за проекција на филмот во чест на овогодишниот лауреат, „Журнал за Желимир Жилник“ на Јанко Баљак.

За затворањето на 9 август ќе има специјална премиера на најновиот македонски документарец „Трн“ на Никола Пијанманов (сценарио) и Столе Ангелов (кинематографер и монтажер). Филмот „Трн“ е суптилна и моќна филмска приказна за актерот и граѓански борец и активист Стојан Велков Трн. Дизајнот на звукот е на Ставро Ангелаков, а во филмот, покрај Трн, учествуваат и Саше Урдовски, Васе Велков, Исидора Велкова и Дејан Ангелов, кој е и уметнички соработник на проектот.

Стручното официјално жири е составено од Мими Ѓоргоска-Илиевска, Владимир Перовиќ, Мимоза Рајл и Столе Ангелов.

Сите вечерни проекции започнуваат  од 20:30 часот, во летниот Амфитеатар во Градскиот парк, а придружните настани ќе бидат во „Европска куќа“ (Europe House) во Струмица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.